1 Коринтјаните 4:1-7
1 Коринтјаните 4:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Мене и Аполос треба да не сметате за Христови служители на кои им е доверено да раководат со Божјите тајни. А од секој раководител се бара верно да ги извршува поставените задачи. Малку ми значи вашата оценка за мене, или оценката од други луѓе. Јас дури ни самиот не се оценувам. Навистина, совеста ми е чиста, но и тоа не е доволно за да ме оправда. Господ е Тој што ќе ме оценува. Затоа, за ништо не донесувајте конечен суд предвреме, пред да дојде Господ. Тој ќе го изнесе на виделина она што за нас е скриено и невидливо и ќе ги обелодени мотивите на секое срце. Тогаш Бог секого ќе го пофали толку колку што заслужил. Драги пријатели, се посочив себеси и Аполос како пример, за да научите што значи поговорката: „Ништо повеќе од она што е напишано во Светото Писмо!“ Не треба да се вообразите, приклонувајќи се кон еден од нас, а понижувајќи го другиот. Што ти дава за право да се сметаш за повреден од другите? Што е тоа што го имаш, а да не си го добил од Бога? А ако тоа што го имаш си го добил од Бога, зошто се фалиш со тоа? Зар не се работи за подарок?
1 Коринтјаните 4:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И така, секој човек нека нѐ смета нас за служители Христови и управници на Божјите таинства, а од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен. За мене ништо не значи да бидам суден од вас, или од судот на другите луѓе; јас и самиот не се судам себе, зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не сум оправдан: судија ми е Господ. Затоа, пак, не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш секој ќе прими пофалба од Бога. Ова браќа го применив на себе и на Аполос заради вас, за да се поучите од нас на онаа изрека: „Не повеќе од она што е напишано“, и да не се гордеете еден пред друг поради некого. Зашто, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?
1 Коринтјаните 4:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, секој човек нека нѐ смета за Христови служители и за управители на Божјите тајни! А од управителите натаму се бара секој да се покаже верен. За мене сосем малку ми значи, што ме осудувате вие, или друг човечки суд; а ни самиот јас не се судам себеси. Зашто не знам дека сум виновен во нешто, но со тоа не сум оправдан. Туку, Господ е Тој, Кој ќе ме суди. Затоа не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, Кој ќе го извади на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата; и тогаш секој ќе ја прими пофалбата од Бога. А врз себе и врз Аполоса покажав пример, браќа, заради вас, за да научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се вообразувате еден над друг. Зашто, кој те прави да се разликуваш од другиот? И што имаш, што не си примил? И така, ако си примил, зошто се фалиш како да не си примил?