Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 15:12-34

1 Коринтјаните 15:12-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш не­кои меѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите? А штом нема воскресение на мрт­вите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера. Би се покажале како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме против Бога дека Го воскреснал Христос, Кого што не Го воскреснал, ако навистина мрт­ви­те не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснува­ат, и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Хрис­тос, пропаднале. И, ако само во овој живот се надева­ме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мрт­вите, и со тоа стана првина за упокоените. Бидејќи смртта дојде преку чо­ве­кот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат ожи­ве­ани; но секој по свој ред: Христос е пр­виот плод; потоа, при Неговото доа­ѓа­ње, ќе воскреснат сите што се Хрис­тови. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила. Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.“ А како последен непријател ќе биде уништена смртта, зашто „сите ги покори под нозете Негови“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему покорено“, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сѐ. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат за нив? Зошто, пак, и ние секој час се под­ложуваме на опасност? Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ. Ако во Ефес, човечки речено, се борев со ѕверови, каква е мојата полза? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да ја­деме и да пиеме, бидејќи утре ќе ум­ре­ме!“ Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“ Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Зашто некои од вас не зна­ат за Бога – за ваш срам го велам ова.

1 Коринтјаните 15:12-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ако е јасно посведочено дека Христос воскресна од мртвите, како тоа некои од вас велат дека мртвите нема да воскреснат? Ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш ни Христос не воскреснал! А ако Христос не воскреснал, тогаш се без основа и нашето проповедање и вашата вера! Зашто, би испаднало дека тоа што ние го кажуваме за Бог е лага, бидејќи ние сме сведоци дека Бог Го воскресна Христос; а ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш значи Бог не Го воскреснал Христос! Ако е невозможно мртвите да бидат воскреснати, произлегува дека ни Христос не бил воскреснат. Ако Христос не бил воскреснат, тогаш вашата вера е безвредна - вие сте и понатаму под осуда на вашите гревови! Тоа би значело дека и луѓето што починаа со вера во Христос се неповратно загинати! Ако ние се надеваме на Христос само за овој живот, тогаш ние сме најмизерни од сите луѓе на светот! Но Христос воскресна од мртвите! Тој стана прв плод од големата жетва на сите што ќе бидат воскреснати од мртвите. Како што смртта дојде на овој свет преку еден човек, Адам, така преку еден човек дојде и воскресението на мртвите, имено, преку Христос. Како што сите умираме поради нашата поврзаност со Адам, така сите што се поврзани со Христос повторно ќе оживеат, но според утврдениот ред. Прво воскресна Христос, а потоа, кога Тој ќе се врати, ќе воскреснат и Христовите следбеници. Потем ќе дојде крајот. Христос ќе ги уништи сите зли владетели, власти и сили и ќе Му го предаде царувањето на Таткото Бог. Зашто Христос ќе владее се додека не ги собори и згази сите Свои непријатели. Последниот непријател што ќе биде уништен ќе биде смртта. Кога Светото Писмо вели: „Се ќе покори под Своите стапала,“ јасно е дека тоа не Го вклучува Бога, зашто Бог е Тој што ќе покори се и ќе Му го потчини на Христос. Кога се ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самиот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини се. Така Бог целосно ќе владее над се. Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!? Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности? Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани. Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш: „Да јадеме и да пиеме, зашто и онака наскоро ќе умреме!“ Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога!

1 Коринтјаните 15:12-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал; А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера. При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале. Ако само во овој живот се надеваме на Христа, ние сме најнесреќни од сите луѓе. Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првенец на оние кои умреле. Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку еден Човек дојде и воскресението од мртвите. Зашто, како што сите умираат во Адама, така и во Христа сите ќе оживеат. Но секој по својот ред: првенец Христос, после оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање. Тогаш доаѓа крајот, кога ќе Му го предаде Царството на Бог и Таткото; откако ќе ги уништи: секое началство, и секоја власт и сила. Зашто, Тој треба да царува „додека не ги положи сите свои непријатели под Своите нозе.“ Смртта ќе биде уништена како последен непријател. Зашто „сѐ покорил под Неговите нозе.“ А кога вели, дека е покорено сѐ, јасно е дека е покорено сѐ, освен Оној, Кој Му покорил сѐ. Кога ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Нему Му потчинил сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ. Инаку, што ќе прават оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив? И ние зошто сме секој час во опасности? Со вашата пофалба, браќа, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ, јас умирам секој ден. Ако се борев, по човечки, со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!“ Не измамувајте се; „лошите друштва ги расипуваат добрите навики!“ Отрезнете се, како што треба, и не грешете, зашто некои не Го знаат Бога. За ваш срам, го велам ова.