Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 15

15
1Драги пријатели христијани! Сакам да ве потсетам на Радосната вест што ви ја проповедав, која вие ја прифативте и која ви стана основа на верата.
2Таа Радосна вест што јас ви ја проповедав ќе ви донесе спасение, доколку цврсто се држите до неа, освен ако немате празна или лажна вера.
3Јас најпрвин ви ја пренесов најважната порака, онака како што и мене ми беше пренесена: Христос умре за нашите гревови, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо;
4беше погребан и воскресна на третиот ден, согласно со предвестувањето запишано во Светото Писмо.
5Воскреснатиот Христос му се јави на Петар и на дванаесетте апостоли,
6а подоцна и на повеќе од петстотини Негови следбеници заедно, од кои повеќето се уште се живи, иако некои веќе починаа.
7Потоа му се јави на Јаков, а на крајот повторно на сите апостоли.
8Најпосле, по извесно време, ми се јави и мене, како на духовно недоносче.
9Јас се сметам за најмал меѓу апостолите. Не заслужувам дури ни да се наречам апостол, бидејќи јас ја прогонував Божјата Црква.
10Но, Бог ми беше милостиво благонаклонет, па станав тоа што сум и ја оправдав Неговата благонаклоност спрема мене. Работев најмногу од сите апостоли, иако за тоа не сум заслужен јас, туку Божјата благонаклоност спрема мене.
11Сепак, не е важно дали проповедам јас или некој од другите апостоли. Важно е тоа што го проповедаме, и тоа што вие поверувавте.
12Ако е јасно посведочено дека Христос воскресна од мртвите, како тоа некои од вас велат дека мртвите нема да воскреснат?
13Ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш ни Христос не воскреснал!
14А ако Христос не воскреснал, тогаш се без основа и нашето проповедање и вашата вера!
15Зашто, би испаднало дека тоа што ние го кажуваме за Бог е лага, бидејќи ние сме сведоци дека Бог Го воскресна Христос; а ако е невозможно мртвите да воскреснуваат, тогаш значи Бог не Го воскреснал Христос!
16Ако е невозможно мртвите да бидат воскреснати, произлегува дека ни Христос не бил воскреснат.
17Ако Христос не бил воскреснат, тогаш вашата вера е безвредна - вие сте и понатаму под осуда на вашите гревови!
18Тоа би значело дека и луѓето што починаа со вера во Христос се неповратно загинати!
19Ако ние се надеваме на Христос само за овој живот, тогаш ние сме најмизерни од сите луѓе на светот!
20Но Христос воскресна од мртвите! Тој стана прв плод од големата жетва на сите што ќе бидат воскреснати од мртвите.
21Како што смртта дојде на овој свет преку еден човек, Адам, така преку еден човек дојде и воскресението на мртвите, имено, преку Христос.
22Како што сите умираме поради нашата поврзаност со Адам, така сите што се поврзани со Христос повторно ќе оживеат,
23но според утврдениот ред. Прво воскресна Христос, а потоа, кога Тој ќе се врати, ќе воскреснат и Христовите следбеници.
24Потем ќе дојде крајот. Христос ќе ги уништи сите зли владетели, власти и сили и ќе Му го предаде царувањето на Таткото Бог.
25Зашто Христос ќе владее се додека не ги собори и згази сите Свои непријатели.
26Последниот непријател што ќе биде уништен ќе биде смртта.
27Кога Светото Писмо вели: „Се ќе покори под Своите стапала,“ јасно е дека тоа не Го вклучува Бога, зашто Бог е Тој што ќе покори се и ќе Му го потчини на Христос.
28Кога се ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самиот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини се. Така Бог целосно ќе владее над се.
29Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!?
30Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности?
31Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани.
32Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш: „Да јадеме и да пиеме, зашто и онака наскоро ќе умреме!“
33Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“
34Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога!
35Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“
36Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува живо растение.
37Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне.
38На секое посејано семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело.
39А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите.
40Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела.
41Сјајот на Сонцето се разликува од сјајот на Месечината; поинаков е, пак, сјајот на ѕвездите, а и ѕвездите меѓусебно се разликуваат по својот сјај.
42Слично ќе биде и со воскресението на мртвите. Се закопува распадливо тело, а ќе воскресне бесмртно тело.
43Се погребува истоштено, грдо, слабо тело, а ќе воскресне славно и силно тело.
44Се погребува материјално тело, а ќе воскресне духовно тело. Како што постои материјално тело, така постои и духовно тело.
45Во Светото Писмо пишува: „Првиот човек, Адам, стана жива душа.“ А Христос, Кој може да биде наречен „Последниот Адам“, е Дух што дава живот.
46Но прво доаѓа материјалното тело, а потоа духовното.
47Првиот човек, Адам, беше создаден од земја, направен од земен прав. Вториот човек, Христос, потекнува од небото.
48Какво што беше телото на Адам, такво е и телото на секој човек сега: тоа е тело создадено од земја. Но на небото ќе имаме тела како Христовото тело, бидејќи Христос потекнува од небото.
49Како што сега личиме на Адам, на човекот направен од земен прав, така тогаш ќе личиме на Христос, на Човекот што потекнува од небото.
50Драги мои, она што сакам да ви го кажам е дека телата од крв и месо не можат да го наследат Божјото царство. Тие се распадливи тела и како такви не можат да бидат жители на Божјото царство.
51Ќе ви откријам една тајна: сите нема да доживееме физичка смрт, но сите ќе бидеме преобразени.
52Тоа ќе се случи брзо, за еден миг на окото. Кога ќе се огласи последната труба, починатите Христови следбеници ќе бидат воскреснати во бесмртни тела, а ние што сме живи ќе бидеме преобразени исто така во бесмртни тела.
53Неопходно е нашите распадливи тела да се преобразат во нераспадливи, и тоа што е смртно да се преобрази во бесмртно.
54Кога нашите распадливи тела ќе се преобразат во нераспадливи, и смртното ќе стане бесмртно, тогаш ќе се исполни она што е напишано во Светото Писмо: “Смртта е уништена и победата е целосна!“
55„О, смрт, каде е твојата победа? О, смрт, каде е твоето осило?“
56Гревот е осилото на смртта, а силата на гревот почива врз одредбите на Божјиот Закон.
57Но Бог ни даде победа над гревот и смртта преку нашиот Господ Исус Христос и треба да Му бидеме многу благодарни за тоа.
58Затоа, драги пријатели христијани, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш подготвени да го унапредувате делото Господово, свесни дека тоа што го работите за Господ нема да биде попусто.

Селектирано:

1 Коринтјаните 15: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се