Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 КОРИНТЈАНИТЕ 15:12-34

1 КОРИНТЈАНИТЕ 15:12-34 MKB

Но, ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал; А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера. При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале. Ако само во овој живот се надеваме на Христа, ние сме најнесреќни од сите луѓе. Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првенец на оние кои умреле. Бидејќи смртта дојде преку човек, така преку еден Човек дојде и воскресението од мртвите. Зашто, како што сите умираат во Адама, така и во Христа сите ќе оживеат. Но секој по својот ред: првенец Христос, после оние кои се Христови, во времето на Неговото доаѓање. Тогаш доаѓа крајот, кога ќе Му го предаде Царството на Бог и Таткото; откако ќе ги уништи: секое началство, и секоја власт и сила. Зашто, Тој треба да царува „додека не ги положи сите свои непријатели под Своите нозе.“ Смртта ќе биде уништена како последен непријател. Зашто „сѐ покорил под Неговите нозе.“ А кога вели, дека е покорено сѐ, јасно е дека е покорено сѐ, освен Оној, Кој Му покорил сѐ. Кога ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Нему Му потчинил сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ. Инаку, што ќе прават оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив? И ние зошто сме секој час во опасности? Со вашата пофалба, браќа, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ, јас умирам секој ден. Ако се борев, по човечки, со ѕверови во Ефес, каква ми е ползата? Ако мртвите не воскреснуваат, „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!“ Не измамувајте се; „лошите друштва ги расипуваат добрите навики!“ Отрезнете се, како што треба, и не грешете, зашто некои не Го знаат Бога. За ваш срам, го велам ова.