1 Летописи 16:7-36
1 Летописи 16:7-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Во тој ден Давид за првпат даде псалм за славословие на Господ преку Асаф и браќата негови: „Славете Го Господа, разгласувајте го името Негово; кажувајте ги делата Негови меѓу народите; пејте Му, свирете Му; раскажувајте за сите Негови чудеса; фалете се со Неговото свето име; нека се весели срцето на оние, кои Го бараа Господа; побарајте Го Господа и силата Негова, барајте го постојано лицето Негово, спомнувајте ги чудесата, што ги изврши, знаците Негови и судовите од устата Негова; вие, семе Израелово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови! Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја. Помнете го вечно заветот Негов, словото, што го заповеда за илјада родови, она, што му го вети на Авраам и во кое му се колнеше на Исак. Тој му ја постави на Јаков за закон и на Израел за вечен завет, велејќи: ‚Тебе ќе ти ја дадам земјата хананска, како ваш наследен дел.‘ Тие тогаш беа малубројни, мошне малку и во неа беа придојдени, и талкаа од народ до народ и од едно царство до друго племе; но не дозволи никому да ги навредува и ги разобличуваше заради нив царевите: ‚не гибајте ги Моите помазаници и не правете им зло на Моите пророци.‘ Пеј Му на Господ, цела земјо, навестувајте го од ден во ден спасението од Него. Разгласувајте ја меѓу незнабошците славата Негова, и меѓу сите луѓе чудесата Негови, зашто Господ е голем и достоен за слава, пострашен од сите богови. Зашто сите богови на народите се ништо, а Господ ги создаде небесата. Слава и величие пред лицето Негово, сила и радост во Неговото Свето место. Воздајте Му на Господ, племиња народни, воздајте Му на Господ слава и чест! Воздајте Му ја на Господ славата на името Негово. Принесете дар, дојдете пред лицето Негово, поклонете Му се на Господ во сјајот на светлината Негова. Трепери пред Него, цела земјо, зашто Тој ја основа вселената, и таа нема да се разниша. Нека се веселат небесата, да ликува земјата, и нека се вели меѓу народите: ‚Господ царува!‘ Нека се бранува морето и сѐ што го исполнува, да се радува полето и сѐ што е на него. Да ликуваат заедно сите дрвја во лаговите пред лицето на Господ, зашто Тој доаѓа да ја суди земјата. Славете Го Господа, зашто Тој е добар и милоста Му е вечна, и речете: ‚Спаси нѐ, Боже, Спасителе наш! Собери нѐ и избави нѐ од народите, за да го славиме Твоето свето име и да се фалиме со Твојата слава!‘ Благословен Господ, Бог Израелов, отсекогаш и засекогаш!“ И сиот народ рече: „Амин, алилуја!“
1 Летописи 16:7-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во тој ден Давид им довери за првпат на Асаф и на неговите браќа да Го слават Господа со овај псалм: Славете Го Господа, повикувајте Му го Името; навестувајте ги сред народите Неговите дела! Пејте Му, свирете Му, проповедајте ги сите Негови чудеса! Фалете се со Неговото свето Име, нека се радува срцето на оние што Го бараат Господа! Барајте Го Господа и Неговата сила, барајте го секогаш Неговото лице! Спомнете си за чудата што ги направи, за Неговите чуда и за судовите на Неговата уста, Израелевиот род е Негов слуга, Јакововите синови Негови избраници. Тој е Господ, наш Бог; Неговите судови се по сета земја! Спомнувајте си секогаш за Неговиот Завет, за словото кое им го објави на илјадници поколенија; за Заветот што го склучи со Авраама и Неговата заклетва на Исака. Тоа им го постави како закон на Јакова, како вечен Завет на Израел. Велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Ханаанската Земја како дел во ваше наследство.“ Тие беа малубројни, и ништожни, и придојденици во неа. Одеа од народ до народ, од едно царство кон друг народ. Но Тој не му дозволи никому да ги угнетува, ги казнуваше заради нив царевите: “Не допирајте ги Моите помазаници, не правете им зло на Моите пророци!“ Пеј Му на Господа, цела Земјо! Проповедајте го од ден на ден Неговото спасение! Кажувајте им ја на незнабошците Неговата слава, на сите народи Неговите чудеса. Велик е Господ, предостоен за фалба, пострашен од сите богови. Ништожни се сите богови на народите. Господ ги создаде небесата. Славата и величеството се пред Него, силата и радоста во Неговото Светилиште. Дајте Му ги на Господа, народни племиња, дајте Му ги на Господа славата и честа! Дајте Му ја на Господа славата на Неговото Име, носете приноси и доаѓајте пред Неговото лице! Поклонете Му се на Господа во блесокот на Неговата светост! Трепери пред Него, сета Земјо! Ја зацврсти вселената за да не се заљулее. Небесата нека се веселат и земјата нека воскликнува; нека се зборува меѓу незнабошците: „Господ царува!“ Морето нека бучи и сѐ што е во него; полето нека се радува и што е на него! Горските дрвја нека ликуваат пред Господа, зашто доаѓа да ѝ суди на земјата. Славете Го Господа зашто е добар, зашто е вечна Неговата љубов. И речете: „Спаси нѐ, о Боже, Спасителу наш, и собери нѐ и избави нѐ од безбожните народи, за да го славиме Твоето свето Име, за да се гордееме со Твојата слава.“ Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ рече: „Амин! Алилуја!“