ЗАХАРИЈА 9
9
ПРОРШТВО ЗА ИЗГРАДБА НА ХРАМ
9:1-14:21
А. Отфрлање на Цар - Месија
1. Навестување за доаѓање на Цар
1Бреме на Господовото слово против земјата Адрах и Дамаск, негово почивалиште; Зашто Господови се градовите на Арам и сите племиња на Израел. 2Емат исто така, кој граничи со нив, 3и Тир и Сидон, толку мудар. Тир изгради тврди ѕидишта, собра сребро како прав и злато како кал од улиците. 4Но ете, Господ ќе го освои, ќе ја фрли во море неговата сила, а него ќе го проголта оган. 5Аскалон ќе го види тоа и ќе се исплаши, а Газа ќе затрепери сета, и Акарон, зашто го измами надежта: ќе го снема царот од Газа, Аскалон ќе остане пуст. 6„Туѓинци ќе живеат во Азот! Ќе ја сотрам гордоста на Филистејците, 7ќе им ги отстранам крвта од устата и гадоста од забите. И тие ќе Му припаднат на нашиот Бог и ќе бидат како водач во Јудеја, а Акарон ќе биде како Евусеец. 8И ќе се настанам како стража покрај Својот Дом, против оние кои доаѓаат и заминуваат; угнетувач веќе нема да поминува оттука, зашто ја видов неговата беда. 9Ликувај од радост Сионска Ќерко! Воскликнувај, Ерусалимска Ќерко! Еве твојот Цар иде при тебе: справедлив е и спасува, кроток и седнал на осле, на ослица, младенче на ослицата. 10Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрем и коњите во Ерусалим; и ќе биде скршен бојниот лак. Тој ќе им навести мир на народите; власта ќе му се прошири од море до море и од Реката до краиштата на земјата.
2. Царство на Месија што доаѓа
а. Обнова на Израел
11А и тебе, заради крвта на твојот Завет, ќе ти ги ослободам твоите заточеници од безводните јами. 12Вратете се во тврдината, заточеници полни со надеж, уште денес - Јас навестувам - двојно ќе ти вратам.
б. Победа над угнетувач
13Зашто, Јуда го оптегнав како лак, а Ефрема го ставив како стрела: твоите синови, о Сионе, ќе ги подигнам против твоите синови, о Јаване - и ќе те направам како меч на јунак.“ 14Тогаш Господ ќе се појави над нив и Неговата стрела ќе лета како молња. Господ Бог ќе затруби во рог, ќе оди врз јужните виори. 15Господ над Силите ќе ги заштити, и тие ќе ги газат со нозе камењата од праќките, ќе пијат и ќе подвикнуваат како од вино, ќе се наполнат како жртвените чаши, како аглите на жртвеникот. 16Господ Бог нивниот ќе ги спаси во оној ден; како стадо Тој ќе го пасе Својот народ; како бесцено камење на круната, тие ќе блескаат во Неговата земја. 17Ах, колку среќен, колку убав, ќе биде! Младите ќе растат од жито, а девиците од благото вино.
Селектирано:
ЗАХАРИЈА 9: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.