ЗАХАРИЈА 8
8
в. Господ ќе го обнови Ерусалим
1И ми дојде Господово слово: 2„Господ над Воинствата зборува вака: ‘Изгорувам со ревносна љубов за Сион и со голем гнев пламнувам за него! Се враќам во Сион, сакам да живеам сред Ерусалим.’ 3Господ над Војските зборува вака: ‘Ерусалим ќе се вика Град на вистина и Гората на Господа над Војските, Гора на светост.’ 4Господ над Војските зборува вака: ‘Старците и старичките пак ќе седнат по ерусалимските раскрсници, секој со стап во раката заради преголемата старост. 5А градските улици ќе се исполнат со момчиња и девојчиња, кои ќе играат по неговите улици.’
6Господ над Воинствата зборува вака: ‘Ако тоа биде чудо во очите на Остатокот во тие денови, зар ќе биде тоа чудо и во Моите очи - говори Господ над Војските. 7Господ над Војските зборува вака: ‘Еве ќе го спасам Мојот народ од Источната Земја и од земјата на сончевиот запад. 8Јас ќе ги доведам за да се населат сред Ерусалим и ќе Ми бидат народ, а Јас ќе им бидам Бог во вистина и во правда.’
9Господ над Војските зборува вака: ‘Нека ви зајакнат рацете вам кои во овие денови ги слушате зборовите од устата на пророците, кои пророкуваа од денот кога беа положени основите на Домот на Господа над Воинствата за да се изгради пак Светилиштето. 10Зашто, пред тие денови немаше надница ни за човекот, ниту надница за животинчето; ниту имаше мир од непријателот за оној кој излегуваше, ни за оној кој влегуваше; ги пуштав луѓето едни против други. 11Но сега, нема да бидам спрема Остатокот на народот како во минатите денови - слово е на Господа над Војските - 12туќу ќе испратам мир: лозата ќе роди грозје, земјата ќе дава посеви, а небото ќе ја дава својата роса. Сѐ тоа ќе му го дадам на Остатокот на овој народ. 13И како што бевте проклетство меѓу народите, Јудин доме, и Израелев доме, така ќе ве спасам за да бидете благослов! Не бојте се, нека ви бидат силни рацете!’
14„Зашто Господ над Војските зборува вака: ‘Како што намислив да ве казнам вас кога ме разгневија вашите татковци - зборува Господ над Војските - не се покајав, 15така, сменувајќи ја намислата, во овие денови мислам да им направам добро на Ерусалим и Јудиниот дом. Не бојте се! 16А ова треба да го правите: Зборувајте вистина еден на друг; судете справедливо и мирољубиво при градските врати! 17Не мислете зло во срцето еден на друг; не љубете ја лажната заклетва. Зашто Јас го мразам сѐ тоа,’ - слово е Господово!“
г. Народите ќе Го бараат Господа во Ерусалим
18Ми дојде слово на Господа над Воинствата: 19„Господ над Војските зборува вака: ‘Постот на четвртиот, постот на петтиот, постот на седмиот и постот на десеттиот месец ќе станат радост, веселба и радосни празници за Јудиниот дом. Но љубете ги вистината и мирот!’ 20Господ над Војските зборува вака: ‘Уште ќе доаѓаат народи и жители на многу градови. 21Жителите на еден град ќе одат во друг, велејќи: „Ајде да одиме да Го молиме Господовото лице и да Го бараме Господа над Воинствата! Ќе одам и јас!“ 22И ќе дојдат многу луѓе и силни народи ќе Го бараат Господа над Воинствата во Ерусалим и ќе го молат Господовото лице.’
23Господ над Војските зборува вака: ‘Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: „Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас.“‘“
Селектирано:
ЗАХАРИЈА 8: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.