Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ОТКРОВЕНИЕ 13

13
Два ѕвера
1А јас застанав на песокта од морскиот брег. И видов Ѕвер, како излегува од морето, кој имаше десет рогови и седум глави, а на неговите рогови десет круни и на неговите глави богохулни имиња. 2И Ѕверот, што го видов, беше како леопард, и нозете му беа како на мечка, а устата како на лав. И змевот му ја даде својата сила, и својот престол, и голема власт 3И видов една од неговите глави, како да е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета земја и тргна по Ѕверот, 4и му се поклонија на змевот, што му даде власт на Ѕверот, му се поклонија и на Ѕверот, велејќи: „Кој му е еднаков на Ѕверот, и кој може да војува против него?“ 5И му се даде уста, која зборува големи зборови и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеца. 6И ја отвори својата уста да хули против Бога, да го похули Неговото име, и Неговиот Шатор, и оние, кои живеат во небото. 7И му се даде да завојува против светите и да ги победи, и му се даде власт над секое племе и народ и јазик и народност. 8И ќе му се поклонат сите, кои живеат на земјата, чии имња не се запишани во Книгата на Животот на Јагнето, заклано од создавањето на светот. 9Кој има уво, нека чуе. 10Кој води во ропство, и самиот ќе биде одведен во ропство; кој убива со меч, и самиот треба да загине од меч. Тука е трпението и верата на светите.
11И видов друг ѕвер, како излегува од земјата, и имаше два рога, како кај јагне, а зборуваше како змев. 12И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена. 13И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. 14Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави пред Ѕверот, велејќи им на жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. 15И му беше дадено да вдахне дух во ликот на Ѕверот така што ликот на Ѕверот да прозборува, и да направи да бидат убиени оние, кои нема да се поклонат на ликот на Ѕверот. 16И направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - да им се даде ознака на десната рака или на челото, 17и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој има ознака: името на Ѕверот или бројот на неговото име.
18Тука е мудроста. Кој има ум нека го пресмета бројот на Ѕверот, зашто е број на човек. а неговиот број е: шестотини шеесет и шест.

Селектирано:

ОТКРОВЕНИЕ 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се