Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 74

74
Тага за разорена земја
1. Молитва за помош против непријател
Асафово учење.
1Боже зошто нѐ отфрли засекогаш, зошто врие Твојот гнев против овците на Твоето пасиште? 2Спомни си за собранието што го придоби одамна, племињата што ги искупи како Свое наследство, и Сионските Планини, каде што си Се населил. 3Зачекори кон вечните урнатини; непријателот разори сѐ во Светилиштето.
4Твоите противници викаа на средина на Твоето собрание, своите знаци ги поставија како знаци на победата. 5Беа како оние што мавтаат со секира по густи шуми. 6И сега со секира и чекан ги кршеа резбите. 7Го предадоа на оган Твоето Светилиште, го онечистија до земја Живеалиштето на Твоето име. 8Рекоа во своето срце: „Ги истребивме заедно; изгорете ги сите Божји светилишта на земјата!“
9Не ги гледавме своите знаци, нема веќе пророци, и никој меѓу нас не знае до кога… 10О Боже, уште до кога непријателот ќе се потсмева? Дали непријателот ќе го презира Твоето име довека? 11Зошто ја повлекуваш раката и зошто ја криеш во крило Својата десница? Оттргни ја од своето крило, погуби ги!
2. Увереност во Божја Сѐмоќност
12Но, Бог е мој Цар од древноста, Тој, Кој спасува среде земјата! 13Ти, со Својата сила, го расече морето, ги смачка главите на морските чудовишта, во водите. 14Ти му ги скрши главите на Левијатана! Го даде за храна на народите пустински. 15Ти овозможи да потечат извор и буица, Ти ги пресуши непресушливите реки. 16Денот е Твој и ноќта е Твоја, Ти ги зацврсти месечината и сонцето; 17Ти ги создаде сите граници на земјата, Ти ги создаде летото и зимата.
3. Заклучна молитва за помош
18Спомни си за ова: Господи, непријателите Ти се потсмеваа, и безумен народ го похули Твоето име. 19Не предавај му го на јастребот животот на грлицата Твоја, и не заборавај го никогаш животот на Твоите сиромаси! 20Погледај на Својот Завет, зашто темните катчиња на земјата се полни со живеалишта на насилства. 21Не оставај угнетуваниот да замине засрамен: нека бедниот и немоќниот Го фалат Твоето име!
22Стани, Боже, заземи се за Своето дело, спомни си за навредата што безумникот Ти ја нанесува секој ден. 23Не заборавај го гласот на Своите непријатели: вревата на бунтовниците уште се крева кон Тебе!

Селектирано:

ПСАЛМИ 74: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се