Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 4

4
И. Таткови поуки на син
1. Придобивање на мудрост
1Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста, 2зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон. 3И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка; 4и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш. 5Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста. 6Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани. 7Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум. 8Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава, 9ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.“
2. Пат на мудри и пат на зли
10Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. 11Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки. 12Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш. 13Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот. 14Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. 15Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, 16зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. 17Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. 18А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден. 19А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат.
3. Татков совет
20Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; 21не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; 22зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. 23А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него. 24Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни. 25Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав. 26Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани. 27Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се