Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 5

5
Ј. Поука за брак
1. Предупредување против немудрост
1Сине мој, чуј ја мојата мудрост, наведни го своето уво кон мојата разумност, 2за да ја запазиш расудливоста, и твоите усни да го задржат знаењето. 3Зашто од усните на туѓа жена капе мед, и непцето ѝ е помазно од масло, 4но таа најпосле е горчлива како пелин, остра како меч со две острици. 5Нејзините нозе слегуваат кон смртта, а чекорите ѝ водат кон Подземјето. 6Таа не оди по патот на животот, патеките и се колебливи и таа не знае на каде водат. 7Затоа, сега послушај ме сине, и не отстапувај од зборовите на мојата уста. 8Твојот пат нека е далеку од неа, и не се приближувај до вратата на нејзината куќа, 9да не го дадеш цветот на својата младост и своите години на немилостивите; 10да не се наситат туѓинци од твојот имот, и твојот труд да не отиде во туѓа куќа; 11да не ридаш на крајот кога ќе бидат истрошени телото и снагата, 12и да не речеш: „Ох како ја мразев поуката, и како моето срце го презираше укорот! 13И не го слушав гласот на своите учители, ниту го приклонив увото кон оние што ме поучуваа. 14И за малку не западнав во секакво зло, среде собирот и заедницата!“
2. Брачен живот
15Пиј вода од својот извор и онаа што извира од твојот кладенец. 16Зар надвор да се разлеваат твоите извори и водните потоци да течат по улиците? 17Нека бидат тие само твои, а не и на туѓинците кои се покрај тебе. 18Нека е благословен твојот извор, и радувај се со жената на својата младост, 19нека ти е како мила срна и љубезлива кошута; нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно! 20Па зошто сине мој би се занесувал по туѓа жена и би ги прегрнувал градите на туѓинката? 21Зашто пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки. 22Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови. 23Ќе умре зашто нема поука, ќе пропадне заради своето големо безумие.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 5: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се