Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 22

22
Ц. Скапоценост на добро име
1Добро име е подобро од големо богатство, и подобра е милоста од сребро и злато. 2Богатиот и сиромавиот се сретнуваат: Господ ги создаде двајцата. 3Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна. 4Наградата за понизност е: страв од Господа, богатство, слава и живот. 5Трње и примки се на патот на измамникот; кој го чува својот живот, далеку е од двете. 6Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него. 7Богатиот владее над бедните, а должникот е слуга на позајмувачот. 8Кој сее неправда - жнее жалост, и прачката на неговиот гнев ќе го удри него - самиот. 9Милостивото око бидува благословено, зашто дава од својот леб на бедниот. 10Истерај го потсмевачот и ќе прекрати раздорот, и ќе исчезнат неслогата и навредата. 11Тој кој љуби чисто срце, и кој има љубезни усни, царот му е пријател. 12Господовиот поглед го чува знаењето, а Тој ги отфрлува зборовите на неверникот. 13Мрзливецот вели: „Лавот е надвор, би ме убил среде улицата.“ 14Устата на блудницата е длабока јама, и на кого се лути Господ, паѓа таму. 15Глупоста се прилепува до срцето на детето, прачката на поуката ја отстранува од него. 16Кој го угнетува бедниот за да се збогати, и кој дава на богатиот - ќе осиромашат.
БЕСЕДИ НА МУДРИ
22:17-24:34
А. Слушај слова на мудри
17Беседи на мудреците: наведни го увото и чуј го моето слово и земи го при срце моето знаење, 18зашто е пријатно ако ги пазиш во твојата внатрешност и ако ти бидат на твоите усни. 19За да биде твојата надеж во Господа, денес те поучувам и тебе. 20Ти напишав триесет пати што совети, што поуки, 21за да те поучам на зборовите на вистината, да можеш со веродостојни зборови да му одговориш на оној, кој ќе те запраша. 22Не ограбувај го бедниот зашто е беден, и не гази го сиромашниот во судот, 23зашто Господ ќе го заштитува делото нивно, и ќе им го одземе животот на оние што ним им го одземаат. 24Не спријателувај се со гневлив, и не оди со бесен човек, 25за да не свикнеш на неговите патишта и да не наместиш стапица за својата душа. 26Не биди меѓу оние што даваат рака, кои емчат за долгови; 27ако немаш со што да надоместиш, зошто да ти ја одземат и постелата од под тебе? 28Не преместувај ги старите меѓи, што ги поставија твоите татковци. 29Дали си видел човек трудољубив во својата работа? Таквиот има пристап при царевите и не им служи на простаците.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност