Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 16

16
М. Господ и пат на човек
1Човекот смислува во срцето, а од Господа е што ќе одговори јазикот. 2На човекот сите негови патишта му изгледаат чисти, а Господ ги испитува духовите. 3Препушти му ги на Господа своите дела, и твоите намери ќе се сигурни. 4Господ создаде сѐ за сопствена цел, па и нечесниот за денот на злото. 5Омразен Му е на Господа секој со гордо срце, таков навистина не останува без казна. 6Со милост и вистина се очистува неправдата, и со стравот од Господа се отстранува злото. 7Кога на Господа Му се мили човековите патишта и неговите непријатели ги помирува со него. 8Подобро е малку со правда, отколку големи приходи со неправда. 9Човековото срце го смислува својот пат, но Господ ги управува неговите чекори. 10Вдахновена одлука е во усните на царот: неговата уста нема да згреши во пресудата. 11Чесните ваги и премерувањата Му припаѓаат на Господа; сите тегови во торбите се Негово дело.
Н. Мудрост - вруток на живот
12Омразено им е на царевите да се врши беззаконие, зашто престолот се уцврстува со правда. 13Пријатни им се на царевите праведни усни, и тие го љубат оној кој зборува вистина. 14Царевиот гнев е вестител на смртта, но мудриот човек го ублажува. 15Во ведрото лице на царот е живот, и неговата милост е како облак со пролетен дожд. 16Пополезно е да се стекне мудрост, отколку злато, и придобивањето на разум е поскапоцено, отколку среброто. 17Патот на праведните е: да се отстрануваат од злото, и кој внимава на својот пат, го чува својот живот. 18Гордоста врви пред гибелта, и високоумноста пред паѓањето. 19Подобро е да се биде кроток со понизните, отколку да се дели плен со горделивите. 20Кој внимава на зборот, наоѓа добро, и кој се надева на Господа, блажен е. 21Мудриот во срцето се наречува разумен, и слаткото зборување го зголемува знаењето. 22Разумот е извор на живот на оние што го имаат, а на безумните им е казна нивната глупост. 23Срцето на мудрецот ја вразумува неговата уста; му го умножува знаењето на усните. 24Љубезните зборови се мед во саќи, сладост на душата и лек на коските.
Њ. Лукав и расипан човек
25Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта. 26Гладот на трудбеникот работи за него, зашто го тера неговата уста. 27Никаквецот приготвува само зло и во усните му е пламенен оган. 28Лукавиот човек сее раздор, и клеветникот ги разделува најверните пријателите. 29Насилникот го заведува својот ближен и го наведува на лош пат. 30Кој намигнува со очите, смислува опакост, а кој ги стиска усните, веќе смислил пакост. 31Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата. 32Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град. 33Во пазувата се фрла жрепката, но од Господа е секоја одлука.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се