Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 8

8
Златен светилник и седум светилки
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Зборувај му на Арона и речи му: ‘Кога ќе ги палиш светилките, седум светилки нека светат на предната страна на светилникот.’“ 3Арон така и направи: ги намести светилките на предната страна на светилникот, како што Господ му нареди на Мојсеја. 4Светилникот беше искован од злато; искован од своето подножје до својата чашка. Светилникот беше направен според образецот што Господ му го покажа на Мојсеја.
Очистување на левити
5Господ му рече на Мојсеја: 6„Земи ги левитите од меѓу Израелевите синови и очисти ги! 7Постапи вака со нив за да ги очистиш: попрскај ги со водата за очистување, а тие нека се избричат по сето свое тело и нека ја исперат својата облека, и ќе бидат чисти. 8Потоа нека земат еден јунец и лебен принос од пченично чисто брашно, измешано со масло. А ти земи друг јунец за жртва за грев. 9Потоа доведи ги левитите пред Шаторот на средбата и собери го сето Израелево општество. 10Кога ќе ги доведеш левитите пред Господа, Израелевите синови нека ги положат своите раце на нив. 11Потоа Арон нека ги посвети левитите, како принос пред Господа, во име на Израелевите синови. Така нивната работа ќе биде да Му служат на Господа. 12А левитите нека ги стават своите раце на главите на јунците; и принеси го едниот како жртва за грев, а другиот како паленица на Господа, за покривање на гревот на левитите. 13Откако ќе ги поставиш левитите пред Арона и пред неговите синови, изврши над нив нивно посветување на Господа.“
14„Одвои ги така левитите од среде Израелевите синови за да бидат Мои. 15Потоа, откако си ги очистил и откако си ги посветил, левитите нека влезат во служба на Шаторот на средбата. 16Зашто тие ми се подарени целосно од среде Израелевите синови; нив ги зедов за Себе место сите првенци; место сите израелски првороденци. 17Имено, Мои се сите првенци на Израелевите синови, од луѓето и од животните; ги посветив Себеси во денот кога ги погубив сите првородени во Египетската Земја. 18Така ги зедов левитите место сите израелски првороденци. 19И им ги предадов левитите, од среде Израелците, како дар на Арона и на неговите синови, за да исполнуваат место Израелевите синови служба во Шаторот на средбата; за да ги очистуваат, па да не ги најде некаков помор Израелевите синови, кога ќе му се приближат на Светилиштето.“
20Мојсеј, Арон и сета израелска заедница направија така со левитите; како што Господ му нареди на Мојсеја за левитите; така Израелевите синови и им сторија. 21Левитите се очистија и ја испраа својата облека; и Арон ги посвети пред Господа. Арон направи покривање на гревот за да бидат чисти. 22Потоа левитите стапија во служба во Шаторот на средбата, во присуство на Арона и на неговите синови. Како што Господ му нареди на Мојсеја за левитите, така и направија со нив.
23Господ му рече на Мојсеја: 24„И ова се однесува за левитите: левитите, од дваесет и пет години нагоре, нека преземаат по ред служба во Шаторот на средбата. 25А на педесет години нека истапат од службата и веќе нека не служат. 26Но можат да им помагаат на своите браќа во исполнување на нивните должности во Шаторот на средбата, но самите не треба да ја исполнуваат службата.

Селектирано:

БРОЕВИ 8: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност