Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 6

6
Закон за назирејство
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Зборувај им на Израелевите синови и кажи им: ‘Ако некој, било маж или жена, се заветува за назирејство па ако Му се посвети на Господа, 3нека се воздржува од вино и од секаков жесток пијалак. Нека не пие ни скиселено вино ниту скиселен опоен пијалак; а нека не пие ни некаков сок од грозје, нека не јаде грозје, ни свежо ни суво. 4За цело време на своето назирејство не смее да јаде ништо што раѓа виновата лоза - од зрното до лушпите.’
5‘Сѐ додека трае неговиот назирејски завет, нека не поминува брич преку неговата глава; додека не се исполни времето што Му го заветувал на Господа, нека биде посветен и нека остави косата да му расте слободно на главата.’
6‘За сето време на својот завет пред Господа нека не се доближува до ниедно мртво тело. 7Нека не се онечистува ни заради татка си, ни заради мајка си, брата си или сестра си, ако би умреле, зашто на својата глава го носи посветувањето на својот Бог. 8Тој Му е посветен на Господа за сето време на своето назирејство.’
9‘Ако некој умре одненадеж покрај него, онечистувајќи ја на тој начин неговата посветена глава, нека ја избричи својата глава на денот на своето очистување - нека ја избричи на седмиот ден. 10А на осмиот ден нека му донесе на свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, две грлици или две гулапчиња. 11Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев а другото како паленица, со тоа нека направи покривање на престапот за него, бидејќи згрешил заради мртовецот и ќе му ја освети неговата глава во тој ден. 12Потоа наново нека Му ги заветува на Господа деновите на своето назирејство и нека принесе едногодишно јагне како жртва за престап. Нека не биде сметано поранешното време, зашто неговото назирејство беше онечистено.’
13‘Ова е Закон за назиреец: нека го доведат при влезот на Шаторот на средбата во денот кога ќе се исполни времето на неговото назирејство. 14Нека Му донесе на Господа како свој принос: едногодишно јагне, без недостаток, за принос за грев; еден овен, без недостаток, за помирителна жртва; 15натаму: кошница со пресни погачи од чисто брашно, замесени со масло и непотквасени колачи, намачкани со масло, со нивниот лебен принос и со налевница. 16Откако свештеникот ќе го донесе тоа пред Господа, нека ги принесе неговите: приносот за грев и паленицата. 17Потоа нека Му го принесе на Господа овенот како помирителна жртва заедно со кошницата со пресни погачи. Свештеникот нека ги принесе и неговиот лебен принос и неговата налевница. 18При влезот во Шаторот на средбата, назиреецот нека ја остриже својата глава и - откако ги земе влакната од својата посветена глава - нека ги стави во огнот под помирителната жртва. 19Потоа свештеникот нека земе варена плешка од овенот, една незаквасена погача од кошницата и еден пресен колак и нека го положи тоа во рацете на назиреецот, откако овој ќе ја остриже главата на своето назирејство. 20Свештеникот нека го принесе тоа како движен принос пред Господа. Тоа е светина што му припаѓа на свештеникот, освен градите на движниот принос и бедрото на воздигнатиот принос. Потоа назиреецот може да пие вино.’
21„Ова е Закон за назиреец, не сметајќи го она што би можела уште да принесе неговата рака. Ако освен своето назирејство ветил некаков дар, освен обредот на своето назирејство, нека направи како што се заветувал.“
Аронов благослов
22Господ му рече на Мојсеја: 23„Речи им на Арона и на неговите синови: ‘Благословувајте ги вака Израелевите синови, велејќи им: 24„Господ нека те благослови и нека те чува! 25Господ нека погледне на тебе со Своето светло лице и нека те помилува! 26Господ нека го сврти Својот поглед на тебе и нека ти донесе мир!“‘ 27Така нека го повикуваат Моето име над Израелевите синови, и Јас ќе ги благословувам.“

Селектирано:

БРОЕВИ 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност