Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 25

25
Израел се прилепува до Ваал
1Додека Израел живееше во Ситим, народот почна да блудствува со Моавските ќерки. 2Тие го повикуваа народот на жртвувањата на своите богови, а народот јадеше на нивните гозби и им се поклонуваше на нивните богови. 3Така Израел се прилепи до Фегорскиот Ваал. И Господ пламна со гнев против Израел. 4„Собери ги сите народни началници - му рече Господ на Мојсеја. Обеси ги пред Господа на бел ден, за да се одврати Господовиот гнев од Израел.“ 5Тогаш Мојсеј им рече на израелевите судии: „Нека секој ги погуби оние свои луѓе, кои се прилепија до Фегорскиот Ваал.“
6Токму тогаш некој од Израелевите синови дојде и доведе една Мадијанка при своите браќа, пред очите на Мојсеја и пред очите на сето Израелско општество, кое заплака при влезот од Шаторот на средбата. 7Кога Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, го забележа тоа, стана пред заедницата: зеде копје во раката 8и тргна по Израелецот, во лежиштето, и ги прободе двата, Израелецот и жената; неа низ слабините, па прекрати поморот на Израелевите синови. 9А тие кои изумреа од поморот беа дваесет и четири илјади. 10Господ му рече на Мојсеја: 11„Финес, синот Елеазаров, синот на свештеникот Арон, ја одврати Мојата јарост од Израелевите синови, зашто покажа ревност за Мене, и Јас не ги истребив Израелевите синови во Мојата ревност. 12И така кажи му: ‘Еве, со него склучувам завет на мир. 13Тоа нека биде за него и за неговите потомци, после него, завет на вечно свештенство, зашто ревнуваше за својот Бог и ги застапи Израелевите синови.’“
14Името на Израелецот кој беше убиен - на оној кој беше погубен заедно со Мадијанката - беше Зимриј, син на Салу, началник на еден татковски дом на Симеоновците. 15А името на убиената жена Мадијанка ѝ беше Хазвија. Беше Сурова ќерка. Сур беше родовски главатар на едно семејство во Мадијан. 16Господ му рече на Мојсеја: 17„Завојувај против Мадијанците и порази ги, 18зашто и тие војуваа против вас со итрина и ве измамија со Ваал-Фегор и со својата сестра Хазвија, ќерка на мадијански началник, која беше погубена во денот на поморот заради Фегор.“

Селектирано:

БРОЕВИ 25: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се