Лого на YouVersion
Икона за пребарување

НЕЕМИЈА 9

9
В. Обнова на Завет
1. Одделување од други народи
1На дваесет и четвртиот ден на тој месец, Израелците се собраа на пост, во покајнички вреќи и опсипани со пепел на главите. 2Израелевиот род се оддели од сите туѓинци: пристапија и ги исповедуваа своите гревови и беззаконијата на своите татковци. 3Стоеја, секој на своето место, и го читаа свитокот на Законот на Господа, својот Бог, четвртина од денот; во другите четвртини ги исповедуваа своите гревови и Му се поклонуваа на Господа, својот Бог. 4А Исус, Ваниј, Кадмил, Севаниј, Вуниј, Серевиј, Ваниј и Хананиј, откако се качија на повисокото место зад левитите, извикуваа со силен глас кон Господа, својот Бог. 5И левитите Исус, Кадмил, Ваниј, Асавниј, Серевиј, Одиј, Севаниј и Петиј, велеа: „Станете, прославувајте Го Господа, нашиот Бог! Благословен да си, Господи, Боже наш, одвека довека! и нека е благословено Твоето славно Име, возвишено над секој благослов и пофалба.
2. Покајна молитва
6Ти си Единствен, Господи! и го создаде небото, и небесата над небесата, и нивната војска, земјата и сѐ што е на неа, морињата и сѐ што е во нив. Ти го оживуваш сѐ тоа, и небесните војски Ти се клањаат Тебе. 7Ти си, Господи, Бог, Кој го избра Аврама, го изведе него од Халдејскиот Ур, и му го даде името Авраам. 8Неговото срце го најде пред Себе верно и склучи Завет со него дека ќе му ја дадеш Ханаанската Земја и Хетејската и Аморејската, и Ферезејската и Евусејската и Гергесејската, нему и на неговото потомство, и ги исполни Своите ветувања зашто си праведен. 9Ги виде неволјите на нашите татковци во Египет, и го чу нивното извикување покрај Црвеното Море. 10Со знаци и чудеса се нафрли врз фараонот, и врз неговите слуги, и врз сиот народ на неговата земја; зашто знаеше колкава беше нивната дрскост против нив. Си придоби име за себе, што трае до денес. 11Го раздвои морето пред нив: поминаа по суво сред морето. Ги удави нивните гонители во длабочините како камен меѓу силни води. 12Со облачен столб ги водеше дење, а ноќе со огнен столб им светеше по патот по кој одеа. 13Слезе на Синајската Гора и им зборуваше од небото; и им даде праведни наредби, цврсти закони, прекрасни заповеди и уредби. 14Ти им ја објави својата света сабота, им ги пропиша заповедите, наредбите и Законот преку гласот на Својот слуга Мојсеј. 15Ги хранеше со леб од небото за време на нивната глад, вода извади од стената за нивната жед. Ти им заповеда да тргнат да ја заземат земјата за која се заколна дека ќе им ја дадеш. 16Но тие и нашите татковци се заинатија, ги закоравија вратовите, и не ги слушаа твоите заповеди. 17Ја одбија послушноста, ги заборавија чудесата, што ги направи за нив; ги окоравија вратовите, а во главата смислија да се вратат во ропство, во Египет. Но ти си Бог на проштавањето милостив и благ, спор на гнев, а велик во милосрдието; и не ги остави! 18Па и направија леано теле, „Тоа е твојот бог - рекоа - кој те изведе од Египет!“ и хулеа тешко, 19а ти во бескрајно милосрдие не ги напушташе во пустината: облачниот столб не се криеше пред нив, дење ги водеше по патот, а пламениот столб ноќе светеше пред нив по патот по кој одеа. 20Им го даде Својот добар Дух, за да ги научи на мудрост, не им ја скуси Својата мана на нивните усти, и при жед им даваше вода. 21Ги крепеше четириесет години во пустината: ништо не им недостасуваше: ниту облеката им се кинеше, ниту нозете им отечуваа. 22И им даде царства и народи и ги подели со граници: ја зазедоа земјата на Сион, есевонскиот цар, и земјата на Ог, васанскиот цар. 23И ги намножи нивните синови како небесни ѕвезди, и ги доведе во земјата за која им рече на нивните татковци дека ќе влезат во неа и дека ќе ја заземат. 24Синовите влегоа и ја покорија земјата, а Ти пред нив ги совлада жителите на земјата, Ханаанците, и ги предаде во нивните раце царевите и земните народи, за да прават со нив што им е волја; 25Освоија тврди градови и плодна земја и наследија куќи полни со секакво добро, изделкани кладенци, лозја, маслинови градини и многу плодни дрва: јадеа, се ситеа и се дебелеа, и уживаа во твојата голема добрина. 26Но се бунеа, и се одметнаа од Тебе и Твојот Закон го фрлија зад плеќи, ги убиваа пророците кои ги обраќаа за да се вратат кај Тебе, и хулеа многу. 27Тогаш ги предаде во рацете на освојувачите, кои ги измачуваа. А во времето на својата мака извикуваа кон Тебе, а Ти ги послуша од небото, и во Својата голема добрина им испраќаше избавители, кои ги избавуваа од рацете на нивните мачители. 28Но штом ќе се смиреа, пак правеа зло пред Тебе, а Ти ги пушташе во рацете на нивните непријатели, кои ги измачуваа. И пак извикуваа кон Тебе, и Ти ги послушуваше од небо: во Своето милосрдие ги избави многу пати. 29Ти ги опоменуваше да се вратат кон Твојот Закон: но тие се бунтуваа и беа непокорни на Твоите наредби, а човекот живее кога ги одржува. Ги извлекуваа плеќите, ги окоравуваа вратовите, и не слушаа. 30Многу години беше трпелив со нив, и ги опоменуваше со Својот Дух преку службата на своите пророци; но не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на другите народи. 31Во Своето големо милосрдие Ти не ги уништи, ниту ги остави, зашто Ти си милостив Бог и полн со сожалување. 32А сега, Боже наш, велик, силен и страшен Боже, кој ги чуваш Заветот и милоста, нека пред Твоето лице не биде незначителна сета оваа неволја, која нѐ најде нас, нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и пророци, нашите татковци и сиот Твој народ од времето на асирските цареви па до денес. 33Ти си праведен во сѐ што нѐ најде, зашто Ти покажа верност, а ние своето зло. 34Нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и татковци, не го извршуваа Твојот Закон, не ги слушаа Твоите наредби и опомени, кои им ги даваше. 35Иако беа во свое царство, во големи добрини што им правеше; во пространа и плодна земја, која им ја даде, тие не Ти служеа, и не се одвраќаа од своите зли дела. 36Еве, ние сме денес робови и во земјата, која им ја даде на нашите татковци, за да ги уживаат нејзините плодови и нејзините добра, еве, ние робуваме во неа. 37Нејзините изобилни приходи одат кај царевите што ни ги постави заради нашите гревови, и тие господарат според својата волја со нашите тела и со нашата стока. Ах, во голема неволја сме! 38И заради сѐ тоа се обврзавме писмено на верност. На запечатената изјава стоеја имињата на нашите кнезови, левити и свештеници.

Селектирано:

НЕЕМИЈА 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се