Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 20

20
Забрана за жртвување деца на богот Молоха
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Кажи им на Израелците: ‘Кој - Израелец или странец - ќе му го отстапи своето чедо на Молоха треба да биде погубен; народот на земјата нека го каменува. 3Јас ќе се свртам против тој човек и ќе го истребам од неговиот народ, зашто тој, давајќи му го своето чедо на Молоха, го онечистил Моето Светилиште и го обесчестил Моето свето име. 4А ако народот ги затвори своите очи над човекот, кога ќе му го даде своето чедо на Молоха, и не го погуби, 5Јас ќе им се спротивставам на човекот и на неговото семејство; ќе ги истребам од нивниот народ, него и сите кои, после него, ќе тргнат по Молоха да му се подаваат на блуд со Молоха.’
6‘Ако некој им се обрати на повикувачи на духови и на вражалци, за да оди блудно по нив, Јас ќе се свртам против таквиот човек и ќе го истребам од неговиот народ. 7Осветувајте се за да бидете свети, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог. 8Пазете ги Моите закони и исполнувајте ги, зашто Јас Господ ве осветувам вас. 9Кој ќе го проколне татка си или мајка си, нека биде погубен. Зашто ги проколна татка си и мајка си, неговата крв нека падне на него.’
Прељуба
10‘Човек кој ќе прељубодејствува со мажена жена; кој ќе изврши прељуба со жената на својот ближен, нека биде казнет со смрт; и прељубникот и прељубницата. 11Човек кој ќе легне со жената на татка си - би ја открил голотата на својот татко - обата нека бидат казнети со смрт, нивната крв нека падне на нив. 12Ако некој легне со својата снаа, двата нека бидат казнети со смрт. Направија родосквернавење, и нивната крв нека падне на нив. 13Ако маж легне со маж, како со жена, двајцата ќе направат одвратно и гнасно дело; нека ѝ бидат предадени на смртта, тоа е крајна гнасотија. 14Ако некој се ожени со ќерката и мајка ѝ - тоа е крајна расипаност: нека бидат изгорени и тој и тие, за да нема беззаконие меѓу вас. 15Човек кој би општел полово со животно нека биде погубен, убијте го и животното. 16Ако жена отиде при какво и да е животно, за да општи полово со него; убијте ги жената и животното; нека бидат погубени, нивната крв нека падне на нив.’
17‘Ако некој се ожени со својата сестра, со ќерката на татка си или со ќерката на мајка си, па ја видел нејзината голота, а таа ја видела неговата - тоа е срамно дело! - нека бидат истребени пред очите на нивниот народ. Тој ја открил голотата на својата сестра - нека го понесе своето беззаконие. 18Ако некој легне со жена во време на нејзиниот месечен ред и ја открил нејзината голота, го разголил изворот на нејзината крв и таа сама го открила течењето на својата крв; обата нека бидат истребени од својот народ. 19Не откривај ја голотата на сестрата на мајка си ниту на сестрата на татка си - тоа е откривање на голотата на својот род; тие нека го понесат своето беззаконие. 20Кој ќе легне со својата стрина, би ја открил голотата на стрина си. Нека ги сносат последиците на својот грев: нека умрат без пород. 21Ако некој би се оженил со жената на брата си - би ја открил голотата на брата си; тоа е нечисто: нека останат бездетни.’
22‘Затоа пазете ги Моите закони, сите Мои заповеди, и исполнувајте ги, за да не ве изблува од себе земјата, во која што ве водам за да се населите во неа. 23Не постапувајте според обичаите на народите што Јас ги гонам пред вас, зашто тие го правеа сѐ тоа и затоа ми се згади од нив. 24А Јас ви реков вам: „Вие ќе ја завладеете нивната земја; ќе ви ја предадам вам во наследство: земјата во која течат млеко и мед.“ Јас Сум Господ, ваш Бог, Кој ве оддели вас од сите народи. 25Разликувајте чисто животно од нечисто, чиста птица од нечиста; и не онечистувајте се сами себеси ни со животно, ни со птица, ниту со што и да е што ползи по земјата: што Јас ви ги одделив како нечисти. 26Бидете свети пред Мене, зашто Јас, Господ, Сум свет; Јас ве одделив од народите, за да бидете Мои.’ 27‘Маж или жена кои, меѓу вас, ќе станат повикувачи на духови на мртви или ќе вражаат, нека бидат казнети со смрт; нека бидат каменувани, а нивната крв нека падне на нив.’“

Селектирано:

ЛЕВИТ 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност