Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛЕВИТ 14

14
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Ова нека ви биде закон за лепрозниот во денот на неговото очистување: нека биде доведен при свештеникот; 3свештеникот нека излезе надвор од логорот и нека го изврши прегледот. Ако утврди дека лепрозниот оздравел од лепрата, 4нека нареди да се земат, за човекот што се очистува: две птици, чисти и живи, кедрово дрво, црвено предено и босилек. 5Потоа свештеникот нека нареди да биде заклана едната птица над жива вода во глинен сад. 6Потоа нека ја земе живата птица, а тогаш нека ги натопи заедно: кедровото дрво, црвената волна и босилекот во крвта на птицата, заклана над живата вода. 7И нека го попрска седум пати оној, кој се очистува од лепрата и нека го прогласи за чист, а живата птица нека ја пушти во полето. 8Очистуваниот нека ја испере својата облека, нека ги истриже сите свои влакна, нека се искапе во вода и ќе биде чист. Потоа нека влезе во логорот, но нека живее седум дена надвор од својот шатор. 9На седмиот ден нека ги избричи сите свои влакна: косата, брадата и веѓите; нека ги избричи сите други свои влакна. Откако ќе ја испере својата облека и откако ќе го измие своето тело во вода, ќе биде чист.“
10„На осмиот ден нека земе: две машки јагниња, без недостаток, едно женско јагне годиначе, исто така без недостаток, три десетини ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, и една мерка масло. 11Свештеникот што го врши очистувањето нека ги стави пред Господа при влезот во Шаторот на средбата, со човекот, кој треба да се очисти. 12Потоа свештеникот нека земе едно машко јагне, па нека го принесе, со една мерка масло, како жртва за престап. Нека ги принесе пред Господа како движен принос. 13Нека го заколе јагнето таму каде што се колат жртвите за грев и палениците - на светото место; зашто приносот за престап и приносот за грев му припаѓаат на свештеникот: тоа е пресвето. 14И свештеникот нека земе од крвта на жртвата за престап и нека му стави на крајот од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога. 15Потоа свештеникот нека земе елеј од чашата и нека го излие во дланот на левата рака. 16Откако свештеникот ќе го стави својот десен прст во елејот што е во левата дланка, нека изврши, со елејот од својот прст, прскање пред Господа седум пати. 17Од елејот што ќе му остане во дланката, свештеникот нека ги помаже, врз крвта од приносот за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува. 18А останатиот елеј, што е во дланката на свештеникот, нека го положи на главата на очистуваниот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот за него, пред Господа. 19Потоа свештеникот нека принесе жртва за грев за да се покрие гревот на тој кој се очистува; после тоа нека ја заколе паленицата. 20И свештеникот ќе ги положи паленицата и лебниот принос на жртвеникот. И свештеникот ќе направи покривање на гревот и ќе биде чист.“
21„Ако е беден па не може да го набави тоа, нека земе само едно машко јагне за жртва за престап за вртење, за да се покрие неговиот грев, и една десетина ефа чисто брашно за лебен принос, месено со масло, една мерка масло, 22и две грлици или две гулапчиња - според неговите можности - едното за принос за грев, а другото за паленица. 23На осмиот ден на своето очистување нека ги донесе кај свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, пред Господа. 24Свештеникот нека ги земе јагнето за приносот за престап и едната мерка елејот, па нека ги принесе пред Господа како вртена жртва. 25Таму нека биде заклано јагнето на приносот за престап; а свештеникот нека земе крв од него и со неа нека ги намачка: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на очистуваниот. 26Потоа свештеникот нека налее елеј во својата лева дланка. 27А тогаш, со елејот што му е во дланката на левата рака, нека изврши прскање, седум пати, со прстот на својата десна рака, пред Господа. 28Од елејот во својата дланка свештеникот нека ги помаже, врз крвта на жртвата за престап: крајот на десното уво, палецот на десната рака и палецот на десната нога на оној, кој се очистува. 29А остатокот од елејот, во неговата дланка, свештеникот нека го положи на главата на очистуваниот, за да го покрие гревот пред Господа. 30Па нека принесе една од двете грлици или едното од двете гулапчиња - што можеше да ги набави - 31како жртва за грев, а другата како паленица заедно со лебен принос. Свештеникот нека направи да се покрие гревот пред Господа на оној, кој се очистува. 32Тоа е закон за заразен со лепра, кој не може да се снабди со сѐ за своето очистување.“
Лечење на лепра на дом
33Господ им рече на Мојсеја и Арона: 34„Кога ќе влезете во Ханаанската Земја што ќе ви ја дадам во наследство, и кога ќе пуштам лепра на некоја куќа во земјата што ќе ја заземете, 35тогаш оној чија е куќата нека дојде кај свештеникот и нека рече: ‘Ми се чини дека мојот дом е заразен со лепра.’ 36Свештеникот нека нареди да биде испразнета куќата, пред тој да дојде да ја прегледа куќата, за да не биде прогласено за нечисто сѐ што е во куќата; потоа свештеникот нека влезе да ја прегледа куќата. 37Ако по прегледот забележи дека заразата на куќните ѕидови се состои од зеленкасти или црвенкасти вдлабнатини и ако му се стори дека се спуштаат подлабоко од поврвнината на ѕидот, 38свештеникот нека излезе од домот низ куќната врата и нека ја затвори куќата за седум дена. 39На седмиот ден свештеникот нека дојде повторно и нека ја прегледа; ако заразата се проширила по ѕидовите на куќата, 40свештеникот нека нареди да се извадат заразените камења и да бидат исфрлени на некое нечисто место надвор од градот. 41Потоа нека заповеда да се истружат сите внатрешни ѕидови на куќата и иструганиот прав да биде фрлен на некое нечисто место надвор од градот. 42Па нека земат други камења и нека ги вметнат место оние камења. И нека земат друга вар и нека ја варосаат куќата повторно.“
43„Ако заразата се појави пак, откако беа извадени камењата, а куќата истругана и пак варосана, 44свештеникот нека отиде да прегледа: ако заразата се раширила по куќата, тогаш тоа е заразна лепра; куќата е нечиста. 45Домот нека биде урнат, а неговите камења, неговите дрвени делови и сета вар нека бидат однесени надвор од градот на некое нечисто место. 46Кој ќе влезе во куќата додека е затворена нека биде нечист до вечерта. 47Кој ќе спие во куќата, треба да ја испере својата облека. И кој ќе јаде во куќата, треба да ја испере својата облека.“
48„Ако свештеникот дојде и види дека заразата не се раширила по куќата, откако куќата беше варосана повторно, свештеникот нека ја прогласи куќата за чиста, зашто заразата ја нема. 49А за очистување на куќата нека земе: две птици, кедрово дрво, црвено предено и босилек. 50Нека заколе една од птиците над жива вода во глинен сад. 51Потоа нека ги земе: кедровото дрво, босилекот, црвената нишка и живата птица и нека ги накваси во крвта на закланата птица и во живата вода, па нека ја попрска куќата седум пати. 52Откако ќе ја очисти така куќата со крвта на птицата, со живата вода, со живата птица, со кедровото дрво и со црвената нишка, 53нека ја пушти живата птица надвор од градот во полето; и ќе го очисти домот, и ќе биде чист.“
54„Тоа е закон за секаков вид лепра и јадеж, 55за лепра на облека или на куќа, 56за оток, лишаи или дамки, 57за да покажува кога е тоа нечисто, а кога е чисто. Тоа е закон за лепрата.“

Селектирано:

ЛЕВИТ 14: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се