ИСУС НАВИН 18
18
5. Делба на другата земја
а. Разгледување на земјата. Фрлање жрепка
1Се собра заедницата на Израелевите синови во Сило, и таму го оптегнаа Шаторот на средбата. Сета земја им се покори. 2Но меѓу Израелевите синови останаа уште седум племиња, кои не го примија своето наследство. 3Тогаш Исус им рече: „До кога ќе се двоумите да тргнете и да ја земете во сопственост земјата што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци? 4Изберете по тројца луѓе од секое племе, а јас ќе ги испратам да ја опишат сета земја за делба. Кога ќе се вратат при мене 5ќе ја поделам земјата на седум делови. Јуда нека остане во своето подрачје на југ, а Јосифовиот дом нека остане на својот крај на север. 6А вие опишете ја земјата на седум делови и донесете ми тука, за да фрлам жрепка за вас тука пред Господа, нашиот Бог. 7Левитите не ќе имаат дел меѓу вас, зашто Господовото свештенство е нивно наследство; а Гад, Рувим и половината од Манасиевото племе го примија своето наследство на источната страна на Јордан - она што им го даде Мојсеј, Господовиот слуга.“
8Луѓето се подготвија за пат, а Исус им заповеда на оние кои тргнаа да ја опишат земјата: „Отидете и обиколете ја сета земја и опишете ја, па тогаш вратете се кај мене за да фрлам жрепка тука пред Господа во Сило.“ 9Тие луѓе отидоа, поминаа низ земјата и ги запишаа во книга сите градови во седум делови, па се вратија кај Исуса во логорот во Сило. 10А Исус фрли за нив жрепка во Сило пред Господа, и таму им ја раздели Исус земјата на Израелевите синови според нивните племенски делови.
б. Дел на племето на Венијаминовите синови
11И жрепката му падна на племето на Венијаминовите синови според нивните родови: се утврди дека нивниот дел е меѓу делот на Јудините синови и на Јосифовите синови. 12Северната меѓа им се тегнеше од Јордан па излегуваше покрај северната стрмина на Ерихон, се искачуваше од запад на гората и завршуваше во пустината Вет-Авен. 13Оттаму одеше кон Луз, односно Ветил; потоа се спушташе во Атарот-Адар, покрај брдото што е јужно од Долниот Вет-Орон. 14Натаму меѓата завиваше и свршуваше од запад кон југ, од гората што се издига спроти Вет-Орон од југ, и завршуваше кај Киријат-Вал, денес Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна. 15Јужната страна почнуваше од границите на Киријат-Јарим, па се тегнеше на запад кон изворот Нефтој, 16потоа меѓата се спушташе до крајот на гората што е спроти долината на Еномовиот син на север на Рафаимската низина, потоа слегуваше во долината Еном покрај Јевусејската Стрмина и стигаше до изворот Ен-Рогил. 17Потоа свртуваше од север па излегуваше на Ен-Семес и го допираше Галилот, што се издига спроти Адумимското Нагорниште, и слегуваше на Каменот Воан, на Рувимовиот син. 18Потоа поминуваше по стрмината од северната страна на Вет-Арава и слегуваше до Арава. 19Натаму меѓата течеше покрај стрмината Вет-Огла кон север и свршуваше на северниот залив на Соленото Море, до јужниот крај на Јордан. Тоа е јужната меѓа. 20Јордан пак беше меѓа на источната страна. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со нивните меѓи наоколу според нивните семејства.
21Градовите на племето на Венијаминовите синови според нивните родови се: Ерихон, Вет-Огла, Емек-Кесис; 22Вет-Арава, Семараим, Ветил; 23Авин, Фара, Офра; 24Хефар-Амона, Офниј и Гава: дванаесет градови со своите села. 25Гаваон, Рама, Вирот; 26Миспа, Хефира, Моса; 27Рекем, Ирфаил, Тарала; 28Сила, Елеф, Јевус (тоа е Ерусалим), Гават и Киријат: четиринаесет градови со своите села. Тоа е наследството на Венијаминовите синови според нивните родови.
Селектирано:
ИСУС НАВИН 18: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.