ЕРЕМИЈА 52
52
ИСТОРИСКИ ЗАКЛУЧОК КРАТОК ПРЕГЛЕД НА СОБИТИЈАТА
52:1-34
А. Царување на Седекија
1Седекија беше на дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим. Името на мајка му ѝ беше Амутала, ќерка на Еремија, а беше од Ливна. 2Правеше што е зло во Господовите очи, сѐ како што правеше Јоаким. 3Тоа му се случи на Ерусалим заради Господовиот гнев; најпосле Господ и ги отфрли од пред Своето лице.
Б. Опсада и паѓање на Ерусалим
Седекија се побуни против вавилонскиот цар. 4Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, тргна самиот вавилонски цар Навуходоносор со сета своја војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи. 5Градот остана опколен сѐ до единаесеттата година на Седекиевото царување. 6Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таква глад така што простиот народ немаше ни леб, 7непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу два ѕида над Царската Градина - Халдејците го беа опколиле градот - и тргнаа по патот кон Араба.
8Халдејските чети тргнаа по нив во потера и го стигнаа Седекија во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега. 9И Халдејците го фатија царот и го одведоа во Ривла, во Ематската Земја, пред вавилонскиот цар, кој му ја изрече пресудата. 10Ги искла Седекиевите синови пред неговите очи, ги погуби во Ривла сите Јудини кнезови; 11на Седекија му ги ископа очите и го окова во бронзени окови и го одведе во Вавилон, каде што го држеше во темница сѐ до неговата смрт.
12Во десеттиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим дојде Невузардан, началник на телохранителите. 13Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим, особено куќите на угледните луѓе; 14халдејските чети, под заповедникот на телесната стража, ги разурнаа ѕидовите околу Ерусалим. 15Невузардан, началникот на телохранителите, го одведе во ропство Остатокот на народот што беше останал во градот, а така и пребегалците кај вавилонскиот цар и другото мноштво. 16Некои од најбедните луѓе Невузардан ги остави во земјата како лозари и земјоделци.
17Халдејците ги скшија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море во Господовиот Дом, а бронзата ја однесоа во Вавилон. 18Ги зедоа и грнците, лопатите, ножевите, и воопшто сиот бронзен прибор што се употребуваше за богослужбите. 19Заповедникот ги зеде и мијалникот, кадилниците, прскалниците, грнците, светилниците, чиниите, жртвените чаши, воопшто сѐ што беше од злато и сребро, 20два столба, едно море и дванаесет бронзени волови под морето, подножјата што царот Соломон ги даде да бидат изработени за Господовиот Дом. Не е можно да се процени колку бронза имаше во сите тие предмети. 21Првиот столб беше висок осумнаесет лакти - можеше да го опфати јаже од дванаесет лакти - беше дебел четири прсти, а внатре празен. 22Имаше глава од бронза, висока пет лакти; и ја обвиваа мрежа и калинки, а сѐ од бронза. Таков беше и вториот столб. 23А девеесет и шест калинки висеа слободно. Сѐ на сѐ во таа плетеница имаше околу сто калинки. 24Заповедникот на стражата го одведе првосвештеникот Серај, вториот свештеник Софониј, и тројцата чувари на прагот. 25Од градот ги одведе: еден дворјанец, воен началник; седум луѓе од царската придружба, кои се најдоа во градот; писарот на заповедникот на војската, кој собираше воини од народот и шеесет жители, кои се најдоа исто така во градот. 26Заповедникот на телесната стража Невузардан ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла. 27И вавилонскиот цар нареди да ги погубат во Ривла, во Ематска Земја. Така го иселија јудејскиот народ од неговата земја.
В. Преселба
28Еве го бројот на луѓето кои Навуходоносор ги одведе во пленство: во седмата година три илјади и дваесет и три Јудејци; 29во осумнаесеттата година Навуходоносорова: осумстотини триесет и две души од Ерусалим; 30во дваесет и третата Навуходоносорова година, Невузардан, началникот на телохранителите, одведе седум стотини четириесет и пет Јудејци. Вкупно: четири илјади и шест стотини души.
Г. Возвишување на Јоахин и негови последни денови
31А во триесет и седмата година откако беше заробен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и петтиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил Меродах, во првата година на своето владеење, го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темница. 32Разговараше љубезно со него и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со него во Вавилон. 33Јоахин ги остави своите темнички облеки и јадеше со царот на истиот стол за време на сиот свој век. 34До крајот на неговиот живот, сѐ до смртта, вавилонскиот цар му даваше трајно, од ден во ден, издржување.
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 52: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.