Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 51

51
3. Разурнување на Вавилон и враќање на Израел (продолжение)
1Господ зборува вака: „Ете, Јас подигам против Вавилон и против халдејските жители погубувачки ветер. 2Ќе испратам во Вавилон вејачи за да го веат и да ја просеат неговата земја низ решето. Кога ќе го опколат од сите страни во кобниот ден, 3стрелецот нека не го остава настрана лакот, нека не го соблекува оклопот! Не штедете ги нивните младинци, уништете му ја сета војска!
4Убиените ќе паѓаат по Халдејската Земја, прободени по неговите улици. 5Не, Израел - Јудеја - не е вдовица на својот Бог, Господ над Воинствата, иако е нивната земја полна со гревови, против Израелевиот Светец.“
6Бегајте од Вавилон, секој нека го спаси својот живот, за да не изгине заради неговото беззаконие, зашто ова е време на Господовата одмазда, секому му плаќа според заслугата! 7Вавилон беше златна чаша во Господовата рака, чаша што го испијани целиот свет. Со тоа вино народите се испијанија, и затоа народите се избезумија. 8Одненадеж падна Вавилон, разрушен: затажете над него! Побарајте балсам за неговата рана: можеби ќе оздрави! 9Го лечевме Вавилон, ама не се исцели. Да го пуштиме, да се вратиме секој во својот крај! Зашто неговата пресуда допира до небото и се дига под облаците.
10Господ ја изнесе нашата правда! Ајде да му го објавиме на Сион делото на Господа, нашиот Бог. 11Наострете ги стреличките, наполнете ги туловите! Господ го поттикна духот на медиските цареви, зашто намисли да го сотре Вавилон, Господова е тоа одмазда, одмазда за Неговиот Храм. 12Развејте го знамето, вавилонски ѕидови! Зајакнете ги стражите! Поставете стражари! Разместете заседи! Зашто Господ што ќе намисли, сега тоа го врши како што им рече на жителите на Вавилон. 13О ти што престојуваш крај големите води и што си богат со секакви блага! Сега ти дојде свршеникот, крајот на твојата лакомост. 14Со Својот живот се заколна Господ над Воинствата: „Ќе те наполнам со луѓе како со скакулци, ќе се надигне против тебе бојна викотница.“
15Тој со Својата сила ја создаде земјата, со Својата мудрост ја утврди вселената и со Својот разум ги оптегна небесата. 16Кога ќе екне Неговиот глас, шумат водите на небесата, ги крева облаците од крајот на земјата: му создава молњи на дождот, го изведува ветерот од неговите засолништа. 17Секој човек безумствува во своето знаење, секој златар се засрамува од својот кип, зашто киповите му се само измама, нема дух во нив. 18Тие се суетни, смешни творби, ќе пропаднат во денот на казната. 19„Јакововиот Дел“ не е како тие: зашто Тој создаде сѐ, Израел е племе на неговото наследство. Господ над Воинствата е Неговото Име.
4. Казна за разурнувач
20„Ти ми беше млат, воено оружје. Со тебе ги поразив народите, со тебе ги разорував царствата. 21Со тебе ги удрив коњот и коњаникот, со тебе ги удрив бојната кола и возачот. 22Со тебе ги удрив мажот и жената, со тебе ги удрив старецот и детето. Со тебе ги удрив младецот и девицата, со тебе ги удрив пастирот и стадото. 23Со тебе ги поразив земјоделецот и неговата запрега, со тебе ги удрив намесниците и управителите.
24Ама сега му плаќам на Вавилон пред вашите очи и на сите Халдејци за сето зло што му го направија на Сион - говори Господ. 25Еве Ме врз тебе, Горо разурнувачка - говори Господ - разурнувачко на целиот свет! Ќе замавнам со раката против тебе, ќе те симнам од стрмната карпа, ќе те претворам во изгорена гора. 26Од тебе веќе нема да делкаат аголен камен ни камен основник, ќе бидеш вечна пустина“ - говори Господ.
27Подигнете го знамето во земјата, затрубете во рог меѓу народите! Подгответе ги народите против него, повикајте ги царствата против него - Арарат, Миниј, Асханаз! Поставете водач против него, коњите нека се нафрлат како влакнести скакулци! 28Подгответе ги народите против него, мидиските цареви, војводите и нивните заменици и сета земја со која што владеат. 29Земјата ќе се тресе, ќе трепери, кога ќе почнат да се искачуваат кон Вавилон сите Господови намисли, за да ја претвори Вавилонската Земја во ненаселена пустина.
30Вавилонските јунаци се откажаа од борбата, заседнаа во тврдините, ја снема нивната сила: станаа како жени. Изгорени се неговите домови, скршени се лостовите на вратите. 31Брзоодецот престигнува брзоодец, гласник трча по гласникот, за да му јават на вавилонскиот цар дека градот му е заземен од сите страни, 32бродовите се заземени, тврдините се изгорени со оган, а јунаците исплашени. 33Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: „Вавилонската ќерка е како гумно во времето кога се гази по него; уште малку, и ќе ѝ дојде времето на жетвата.
34Ме изеде, ме сотре Навуходоносор, вавилонскиот цар, ме отфрли како празен сад, тој ме проголта како змев, го наполни желудникот, ме истера од мојот Еден.“ 35„Насилството и моите страдања врз Вавилон!“ зборуваат жителите на Сион. „Мојата крв врз Халдејците!“ зборува Ерусалим. 36Затоа Господ зборува вака: „Еве, Јас ќе ја бранам твојата парница и ќе те одмаздам. Ќе го пресушам неговото море, и ќе ги пресушам неговите извори. 37Вавилон ќе биде куп урнатини, дувло на шакали, ужас и потсмев, ненаселен крај.
5. Тажна песна за Вавилон
38Сите заедно рикаат како лавови, вијат како лавчиња. 39Кога ќе се стоплат, ќе им приредат пијанка, ќе ги напојат за да се повеселат, и да заспијат со вечен сон, па веќе да не се разбудат - говори Господ. 40Ќе ги одведам како јагниња на колење, како јарци и овни.
41Како ли е заземен Сесах, како е освоена таа гордост на сета земја? Како ли стана Вавилон страшило на народите? 42Морето се надига против Вавилон, неговите бранови го прекрија. 43Неговите градови станаа пустина, земјата сува, пустина: човек не живее во неа, ниту низ неа поминува човечки син. 44Ќе го казнам вавилонскиот Вал, ќе му го одземам од устата тоа што го голтнал. Народите веќе не ќе се собираат кај него, ќе се разурнат вавилонските ѕидови.
45Излези од него, народе Мој! Нека секој го спаси својот живот од жестокиот Господов гнев! 46Нека срцето не ви ослабее! Не бојте се од гласовите што се шират низ земјата, една година вакви, друга - онакви, и дека во земјата владее насилство, та силник станува силник. 47Зашто еве доаѓаат денови кога ќе ги казнам вавилонските кипови, и сета земја ќе му се засрами, и сите негови погубени ќе лежат среде градот. 48Тогаш над Вавилон ќе воскликнуваат небото и земјата, и сѐ што е на нив, зашто од север ќе се нафрлат врз градот, опустувачи!“ - говори Господ.
49И Вавилон треба да падне за погубените Израелци, како што за Вавилон паѓаа истепани сите земји. 50Вие што му избегавте на мечот, одете си, не останувајте тука. Спомнувајте си за Господа во далечната земја, и Ерусалим нека ви биде на срце.
51Се срамевме слушајќи го срамот, руменило ни го прекри лицето, кога туѓинците навлегоа во Светилиштето на Господовиот Дом.
52„Затоа, ете, доаѓаат денови - говори Господ -кога ќе ги казнам нивните кипови, и по целата негова земја ќе офкаат ранетите. 53Ако Вавилон се искачи до небото, ако се утврди на недостапно место, на Моја заповед ќе се нафрлат врз него запустувачите“ - говори Господ.
54Чујте го викањето за помош од Вавилон и страшниот пораз од Халдејската Земја! 55Зашто Самиот Господ го запустува Вавилон, Тој го стивнува неговиот страшен шум: неговите бранови шумеа како големи води, се слуша нивното бучење. 56Да, запустувачот дојде во Вавилон, фатени се неговите воини, скршени им се лаковите. Навистина, Господ е Бог одмаздник Кој плаќа според заслугата. 57„Ќе му ги испијанам кнезовите и мудреците, војводите, намесниците и воините: за да заспијат со вечен сон па веќе да не се разбудат“ - зборува Царот, Името Му е Господ над Воинствата.
58Вака говори Господ над Војските: „Широките вавилонски ѕидови ќе бидат разурнати до основите, а неговата висока врата ќе биде спалена со оган. Напразно ќе се трудат народите, народите ќе се измачуваат за оган!“
6. Еремиево заклучно пророштво
59Еве ја заповедта што пророкот Еремија му ја даде на Серај, синот Масиин, синот Нириин, кога Серај тргна во Вавилон со Седекија, јудејскиот цар, во четвртата година на неговото владеење. Серај беше голем постелник. 60Еремија ја имаше запишано во еден книжен свиток сета несреќа што требаше да дојде врз Вавилон - сите оние пророштва напишани против Вавилон. 61Еремија му рече на Серај: „Кога ќе дојдеш во Вавилон, барај прилика да ги објавиш сите овие зборови. 62И речи: ‘Господи, Ти Самиот рече дека ќе го сотреш ова место, па во него веќе ништо не ќе биде, ни човек ни животинче, туку ќе стане вечна пустина.’ 63Кога ќе го прочиташ овој книжен свиток, врзи го за камен и фрли го во Еуфрат. 64И речи: ‘Вака ќе потоне Вавилон и не ќе се подигне веќе од бедата што ќе ја навалам врз него. И тие ќе изнемоштат.‘“ Тоа се Еремиините зборови.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 51: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се