Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕРЕМИЈА 26

26
4. Борба на Еремија со лажни пророци
а. Еремија земен под стража и ослободен
1Во почетокот на царувањето на Јоаким, синот Јосиин, Јудиниот цар, ми дојде Господовото слово: 2„Господ зборува вака: ‘Застани во дворот на Господовиот Дом, и - на сите јудејски градови што доаѓаат да се поклонат во Господовиот Дом - проповедај му ги сите зборови што ти заповедав да им ги кажеш. И не изоставувај ни еден единствен. 3Можеби ќе послушаат и ќе се врати секој од својот лош пат, па ќе се покајам за злото што намислив да го направам заради нивните зли дела.’ 4Речи им: ‘Господ зборува вака: „Ако не Ме послушате за да одите по Законот што го ставив пред вас, 5слушајќи ги зборовите на Моите слуги, пророците, кои ви ги праќам неуморно, иако досега не ги слушавте, 6ќе постапам со овој Дом како со Сило, и ќе направам овој град да биде проклетство за сите народи на земјата.“‘“
7И свештениците и пророците и сиот народ го слушаа Еремија како ги проповеда тие зборови во Господовиот Дом. 8А кога Еремија го изрече сѐ она што Господ му заповеда да му навести на сиот народ, свештениците и пророците го грабнаа, зборувајќи: „Ке платиш со главата! 9Зашто пророкуваше во Господово Име: ‘Ќе постапам со овој Дом како со Сило, и овој град ќе биде запустен, та веќе никој не ќе живее во него!’“ И сиот народ се собра против Еремија во Господовиот Дом.
10Откако го чуја тоа, јудејските старешини дојдоа од царскиот дворец во Господовиот Дом, и седнаа пред Новата Врата на Господовиот Дом. 11Тогаш свештениците и пророците им рекоа на старешините и на сиот народ: „Овој човек заслужува смрт, зашто пророкуваше против овој град, како што чувте со своите уши.“
12Тогаш Еремија им рече на старешините и на сиот народ: „Господ ме испрати да пророкувам против овој Дом и овој град сѐ она што чувте. 13Поправете ги, и така, своите патишта и дела, и слушајте го гласот на Господа, својот Бог: и ќе се покае за злото со кое што ви се закани. 14Еве, јас сум во вашите раце. Направете со мене што ви се чини добро и право. 15Но знајте добро: ако ме погубите, невина крв ќе возложите на себеси, врз овој град и врз неговите жители. Зашто, навистина, Господ ме испрати кај вас за да ги зборувам овие зборови во вашите уши.“
16Тогаш старешините и сиот народ им рекоа на свештениците и пророците: „Овој човек воопшто не заслужува смрт, зашто ни зборуваше во Името на Господа, нашиот Бог.“
17Тогаш станаа и некои од најугледните во земјата та му рекоа на сето мноштво народ што се собрал таму: 18„Моресецот Михеј пророкуваше во деновите на Езекиј, јудејскиот цар, и му зборуваше на сиот јудејски народ: ‘Господ над Војските зборува вака: „Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на овој Дом ќе ја прекрие шума.“‘ 19Дали затоа Езекиј, јудејскиот цар, и сета Јудеја го погубија? Не се ли исплашија од Господа и не настојуваа ли да го умилостиват Господа? И Господ го отстрани злото со кое што им се закани! А ние, зар да навлечеме врз нашите души толку голем злостор?“
б. Смрт на пророкот Уриј
20Имаше таму уште некој што пророкуваше во Господово Име, Уриј, синот Семаин, родум од Киријат Јарим. И тој пророкуваше против овој град и оваа земја како и Еремија. 21А кога царот Јоаким со сите воини и заповедници ги чу тие зборови, бараше да го погуби. Штом го чу тоа, Уриј се исплаши и избега во Египет. 22Но царот Јоаким го испрати во Египет Елнатан, синот Ахоров, со неколку луѓе; 23тие го доведоа Уриј од Египет и го одведоа кај царот Јоаким, кој го погуби со меч, а неговиот труп го фрли во гробиштата на простиот народ.
24Но Ахикам, синот Сафанов, го заштити Еремија, та не го предадоа во рацете на народот за да го погубат.

Селектирано:

ЕРЕМИЈА 26: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се