ЕРЕМИЈА 20
20
д. Оскрбување на пророкот и претскажување на Вавилонско заточение
1А свештеникот Пасхор, синот Имиров, врховен надгледувач на Господовиот Дом, чу како Еремија ги пророкува тие зборови. 2И Пасхор го предаде Еремија да го бијат и го фрли во кладите што се наоѓаа кај горната Венијаминова Врата, а се во Господовиот Дом. 3А кога утреден Пасхор го извади Еремија од кладата, Еремиј му рече: „Господ веќе не те вика Пасхор, туку ‘Ужас Отсекаде.’ 4Зашто вака зборува Господ: ‘Еве те предавам на ужас, тебе и сите твои пријатели, и ќе загинеш од мечот на своите непријатели, со свои очи ќе видиш. И сета Јудеја ќе ја дадам во рацете на вавилонскиот цар. Тој ќе ги одведе на заточение во Вавилон и со меч ќе ги погуби. 5И сето богатство на овој град, сиот негов - со труд спечален - имот и сите скапоцености, и сето благо на јудејските цареви, ќе ги предадам во рацете на непријателите. Тие ќе ограбуваат сѐ, ќе ограбат и ќе однесат во Вавилон. 6А ти, Пасхор, ќе се преселиш во Вавилон со сите свои домашни. Да, ќе дојдеш во Вавилон и таму ќе умреш и ќе бидеш погребан, ти и сите твои пријатели на кои што им пророкуваше лаги.’“
ѓ. Тажење на пророк
7Ти ме заведе, о Господи, и оставив да бидам заведен; Ти си посилен од мене и ме совлада. А сега сум им на сите за потсмев од ден во ден, секој ме исмејува.
8Зашто штом ќе проговорам, треба да викам, треба да навестувам: „Насилство! Пропаст!“ Навистина Господовото слово ми стана за презир и за потсмев цел ден. 9И реков во себеси: „Веќе не ќе мислам на Него, ниту ќе зборувам во Негово Име.“ Но тогаш во моето срце беше како распламенат оган запретан во моите коски: напразно се трудев да издржам, не можев веќе. 10Чув многу клевети: „Ужас отсекаде! Пријавете! Ние ќе го пријавиме!“ Сите кои што ми беа пријатели го чекаа моето паѓање. „Можеби ќе го заведеме, па ќе завладееме со него и ќе му се одмаздиме нему!“
11Со мене е Господ како силен јунак! Затоа моите гонители ќе се сопнат и не ќе надвладеат, ќе се засрамат многу заради поразот, заради незаборавениот вечен срам. 12О Господи над Силите, Кој проникнуваш во праведникот и му ги гледаш бубрезите и срцето, дај ми да видам како им се одмаздуваш, зашто Тебе Ти ја доверив својата парница. 13Пејте Му на Господа, фалете Го Господа, зашто Тој ја избави душата на бедниот од рацете на злосторниците.
14Проклет да биде денот кога се родив, денот кога ме роди мојата мајка, да не биде благословен! 15Проклет да биде човекот кој му соопшти на мојот татко: „Ти се роди син, машко!“ и со тоа го зарадува татка ми. 16На тој човек да му биде како на градовите, што Господ ги разурна без жал; туку во самата зора да чуе вик за помош и бојни викотници на пладне, 17зашто не ме погуби во мајчината утроба, за да ми беше мајка ми мој гроб, за да ѝ останеше утробата трудна довека! 18О зошто излегов од мајчиното крило? За да гледам јад и неволја, и за да ги довршам деновите во срам!
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 20: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.