ЕРЕМИЈА 14
14
2. Неизбежност на пленство и обнова на Јудеја
а. Претскажување на суша, меч и глад
1Господовото слово на Еремија за големата суша: 2„Јудеја рида во тага и гинат нејзините градови, мрачно лежат на земјата, викот на Ерусалим се издига до небото. 3Првенците испраќаат слуги по вода: доаѓаат до кладенците, ама не наоѓаат вода, се враќаат со празни врчви, посрамени, засрамени, ја покрија својата глава. 4Земјата сета испука зашто нема дожд. Земјоделците се засрамија, ги покрија главите. 5Па и срната во полето го остава младото зашто нема трева. 6Дивите ослиња, стоејќи на голините, збиваат како шакал, очите им се изнемоштени зашто нема трева.“
7Нашите беззаконија сведочат против нас, смилувај се, о Господи, заради Своето Име! Зашто отпаднавме од Тебе, згрешивме против Тебе. 8О Израелева Надеж, негов Спасител во деновите на неволја! Зошто си како странец во оваа земја, како патник што се навратил за да преноќува? 9Зошто си како исплашен човек, како јунак што не може да помогне, ние се викаме со Твоето Име - немој да нѐ оставиш!
10Господ зборува вака за овој народ: „Да, тие сакаат да скитаат и не си ги штедат нозете, и затоа Господ не ги сака. И сега си спомнува за нивните беззаконија и ги казнува нивните гревови.“ 11И Господ ми рече: „Не барај милост за овој народ. 12Ако и да постат, нема да ги послушам нивните молења и коленичења. Ако и да принесат паленици и принос, не ќе ми замилеат. Зашто со меч, со глад и со помор Јас ќе ги затрам.“
13Тогаш реков: „Ах, Господи, Боже! Ене, пророците им зборуваат: ‘Нема да видите меч, ниту ќе има глад во вас, туку ќе ви дадам постојан мир во ова место.’“
14А Господ ми рече: „Тие пророци пророкуваат лага во Мое Име; ниту ги испратив, ниту им дадов некаков налог - Јас и не им зборував. Тие ви пророкуваат лажни виденија, празни гатања и соништа на своето срце. 15Затоа Господ зборува вака: ‘Тие пророци што пророкуваат во Мое Име, а Јас не ги испратив, па зборуваат дека ќе нема ни меч ни глад во оваа земја, самите ќе загинат од меч и од глад. 16А овој народ, кому му пророкуваат, ќе лежи по ерусалимските улици, покосен од меч и од глад, и не ќе има човек за да ги закопа: нив, нивните жени, синовите и ќерките нивни. Така ќе го излеам врз нив нивното зло.’
17А ти речи им вака: ‘Моите очи нека ронат солзи дење и ноќе, и нека не престанат, зашто е поразена страшно девицата, ќерката на мојот народ, со необично лута рана. 18Ако отидам во полето, еве истепани со меч! Ако се вратам во градот, еве ги изнемоштените од глад! Па и пророците и свештениците заминаа во земја непозната.’“
19Та зар сосем ја отфрли Јудеја? Зар Сион ѝ се замрази на Твојата душа? Зошто нѐ биеш така та веќе ни лек нема? Се надевавме на мир, но нема добро, го чекавме времето на оздравувањето, ама еве го ужасот! 20О Господи, ја признавме својата безбожност, беззаконијата на своите татковци; навистина, Тебе Ти согрешивме! 21Не отфрлај нѐ, заради Своето Име, не срами го престолот на Својата Слава, спомни си и не го раскинувај Својот Завет со нас! 22Зар безбожничката суета дава дожд? Или зар небесата сами врнат? Зар не го даваш Ти тоа, Господи, Боже наш? Затоа се надеваме во Тебе, зашто Ти го правиш сѐ тоа.
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 14: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
![None](/_next/image?url=https%3A%2F%2Fimageproxy.youversionapi.com%2F58%2Fhttps%3A%2F%2Fweb-assets.youversion.com%2Fapp-icons%2Fmk.png&w=128&q=75)
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.