ЕРЕМИЈА 13
13
г. Пет предупредувања на Јуда: гнил појас
1Господ ми зборува вака: „Оди и купи си ленен појас и опаши го околу крстот. Ама не го наквасувај во вода.“ 2И купив појас според Господовото слово и ја опашав половината. 3И по вторпат ми дојде Господовото слово: 4„Земи го појасот што го купи и со кого се опаша, крени се, оди до реката Еуфрат и скриј го таму во пукнатината на пештерата.“ 5И отидов и го скрив покрај Еуфрат, како што ми заповеда Господ. По многу дни Господ ми рече: 6„Стани, оди при Еуфрат па извлечи го оттаму појасот за кој ти заповедав да го скриеш таму.“ 7Отидов при Еуфрат, го извлеков и го зедов појасот од местото каде што го скрив, и ете: појасот гнил, не беше веќе за ништо.
8Тогаш ми дојде Господовото слово: 9„Господ зборува вака: ‘Така ќе ја уништам силната горделивост на Јудеја и Ерусалим. 10Тој опак народ што не ги слуша Моите зборови, туку го следи своето закоравено срце и трча по други богови за да им служи и за да им се клања, ќе стане како твојот појас што веќе не е за ништо. 11Зашто како што појасот се долепува до човековите бедра, така сакав сиот Израелов дом и сиот Јудин дом да се долепи до Мене - зборува Господ - за да бидат Мој народ, Мој добар глас, Моја гордост, Моја слава и чест. Но не послушаа!’
12Речи му на тој народ: ‘Секоја врчва се полни со вино. А тие ќе ти приговорат: ‘Зар можеби не знаеме дека секоја врчва се полни со вино?’ 13Тогаш речи им: ‘Господ зборува вака: „Еве ќе ги наполнам со пијаност сите жители на оваа земја, царевите кои седат на Давидовиот престол, и свештениците, и пророците, сите ерусалимски жители! 14Ќе ги удрам еден со друг, татковците со синовите - зборува Господ. Ќе ги уништам без сомилост, без милосрдие и без смилување.“‘“
15Послушајте, чујте добро, оставете ја гордоста: Господ зборува сега! 16Дајте Му слава на Господа, својот Бог, пред да се смрачи, пред вашите нозе да се сопнат во мрачните планини. Вие ѝ се надевате на светлината, а Тој ќе ја претвори во мрак, ќе ја измени во црна темнина! 17Ако не го послушате ова, душата ќе ми плаче постојано заради вашата гордост, солзи ќе рони, окото ќе ми лее солзи, зашто Господовото стадо заминува во ропство.
18Речи им на царот и на царицата-мајка: „Седнете длабоко долу зашто венецот на славата падна од вашите глави.“ 19Градовите на Негев се затворени, и нема никој да ги отвори. Сета Јудеја е во ропство, сосем поробена!
20Подигни ги очите, Ерусалиме, и погледај ги оние што навлегуваат од Север. Каде е стадото што ти е доверено, твоите славни овци? 21Што ќе речеш кога ќе ти се наметнат како твои господари оние што самиот ги научи за да те водат како љубовници. Нема ли да те опфаќаат болки како родилката? 22Можеби тогаш ќе се прашаш: „Зошто ме снајде тоа?“ Заради многуте твои беззаконија ги открија твоите скутови, направија насилство над тебе.
23Може ли Етиопецот да ја измени својата кожа? Или леопардот своето крзно? А вие, можете ли да правите добро, свикнати да правите зло? 24„Затоа ќе ве распрснам како плева, што ја разнесува пустинскиот ветер.
25Тоа е твојата судбина и дел што ти е одмерен, говори Господ, зашто Ме заборави Мене и се надеваше во лага. 26Самиот ќе ти ја поткренам облеката од лицето за да се види твојата голота. 27Сите твои прељуби, сите твои врескања и твоето бессрамно блудничење, врз горите, во полињата, ги видов твоите грозотии. Тешко тебе, Ерусалиме! Уште не се очисти и уште до кога ќе трае тоа…?“
Селектирано:
ЕРЕМИЈА 13: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.