Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 9

9
И. Авимелех, Гедеонов син
1. Тој убива седумдесет свои браќа и се зацарува во Сихем
1Авимелех, синот Јеровалов отиде во Сихем при браќата на мајка си и им рече ним и на сиот дом на својата мајка: 2„Прашајте ги сите сихемски граѓани: ‘Што ви е подобро, над вас да владеат седумдесет луѓе, сите Јеровалови синови, или еден човек?’ Спомнете си дека јас сум од вашето тело и од вашите коски!“ 3Браќата на неговата мајка им го пренесоа тоа на другите сихемски граѓани, и нивното срце се приклони кон Авимелеха, зашто зборуваа: „Наш брат е!“ 4И му дадоа седумдесет сикли сребро од храмот Вал- Веритов; со тоа Авимелех најми расипаници и ништожници, кои тргнаа по него. 5Тогаш дојде во домот на татка си во Офра, и ги погуби своите браќа, Јероваловите синови, седумдесет луѓе, на еден камен. Му избега само Јотам, најмладиот Јеровалов син, зашто се беше скрил. 6Тогаш се собраа сите сихемски граѓани и сиот Милов дом па го поставија Авимелеха за цар кај дабот што стои во Сихем.
2. Јотамова приказна за цар на дрвата
7Кога му раскажаа за тоа на Јотам, тој отиде и застана на врвот на гората Гаризин и им извика со сиот глас: „Чујте ме сихемски жители, и Бог ќе ве послуша вас! 8Еднаш тргнале дрвата за да помазат цар кој ќе владее над нив. Па ѝ рекоа на маслинката: ‘Биди ни цар!’ 9Маслинката им одговори: ‘Зар да се одречам од своето масло, што им е на чест на Бог и на луѓето за да владеам над другите дрва?’ 10Тогаш дрвата ѝ рекоа на смоквата: ‘Дојди, биди ни цар!’ 11Смоквата им одговори: ‘Зар да се откажам од слаткоста и од својот красен плод за да владеам над другите дрва?’ 12Тогаш дрвата ѝ рекоа на лозата: ‘Дојди, биди ни цар!’ 13Лозата им одговори: ‘Зар да се одречам од виното што ги весели Бог и луѓето за да владеам над другите дрва?’ 14Тогаш сите дрва му рекоа на трнот: ‘Дојди, биди ни цар!’ 15А трнот им одговори на дрвата: ‘Ако навистина сакате да ме помажете за цар засолнете се под мојата сенка; ако не сакате, оган ќе пламне од трнот и ќе ги изгори сите ливански кедри.’“
3. Применување на приказната
16“И така, дали постапивте според вистината и правдата кога го избравте Авимелеха за цар? Дали се однесовте добро кон Јеровоал и кон неговиот дом? Дали му возвративте за делата што ги направи за вас? 17Мојот татко се бореше за вас, изложувајќи го својот живот, па ве избави од рацете на Мадијамците, 18а вие денес станавте против домот на татка ми; ги погубивте неговите синови - седумдесет луѓе на ист камен, и го направивте цар, нас жителите на Сихем, Авимелех, синот на неговата робинка, затоа што е ваш брат! 19Ако денес постапевте според вистината и според правдата со Јеровоал и со неговиот дом, радувајте се со Авимелеха, а тој нека се радува со вас! 20Ако не - оган нека излезе од Авимелеха и нека ги изгори жителите на Сихем и сиот Бет-Мило (Дом на Мило), и нека излезе оган од граѓаните на Сихем и од Миловиот дом и нека го изгори Авимелеха!“ 21Тогаш Јотам избега, се засолна и дојде во Вир, и остана таму, зашто се боеше од брата си Авимелеха.
4. Раздор меѓу Авимелех и сихемски жители
22Авимелех царуваше над Израел три години. 23Тогаш Господ испрати дух на раздор меѓу Авимелеха и сихемските жители, и сихемските граѓани се побунија против Авимелеха, 24за да биде одмазден, на тој начин, злосторот направен над седумдесетте Јеровалови синови и за да падне нивната крв на нивниот брат Авимелех, кој ги погуби, и на жителите на Сихем, кои му помогнаа да ги убие браќата. 25Сакајќи да му напакостат, сихемските жители поставија заседи по планинските врвови и го ограбуваа секого, кој би поминал покрај нив по оној пат. Му го јавија тоа на Авимелеха.
5. Галово востание
26Гал, синот Еведов, дојде со своите браќа и се насели во Сихем; а сихемските жители имаа доверба во него. 27Откако отидоа во полето, во своите лозја, собираа грозје и го газеа, а потоа почнаа со веселба; влегоа во храмот на својот бог, јадеа, пиеја и го проколнуваа Авимелеха. 28А Гал, синот Еведов, извика: „Кој е Авимелех за да му служиме? Зар не би требало Јероваловиот син и неговиот заменик Зевул да им служат на луѓето на Емор, Сихемовиот татко? Зошто ние да му служиме нему? 29О, кога би го имал овој народ во својата рака, би го протерал Авимелеха и би му рекол: ‘Зголеми ја својата војска и излези во бој!’“
6. Авимелех научува за Галово предавство
30А кога градскиот началник, Зевул, научи што зборувал Гал, синот Еведов, се разгневи. 31Им испрати гласници на Авимелех и на Арум и им порача: „Еве, Гал, синот Еведов, дојде во Сихем, со своите браќа, и ги бунтува граѓаните против тебе. 32Затоа стани ноќе, ти и народот што е со тебе, и застани во заседа во полето. 33А наутро, кога ќе изгрее сонцето, стани и удри на градот. Кога Гал и неговите луѓе ќе излезат пред тебе, ти направи со нив како што ќе можеш со твојата рака.“
7. Авимелех задушува Галово востание
34Авимелех стана ноќе, со сите свои луѓе, и постави заседа околу Сихем во четири одреди. 35Кога Гал, синот Еведов, излезе пред градската врата и застана, Авимелех и неговите луѓе се појавија од заседата. 36Гал ги здогледа луѓето и му рече на Зевула: „Ене слегуваат луѓе од горските врвови.“ А Зевул му одговори: „Од сенките на планинските врвови ти се причинуваат луѓе.“ 37Гал проговори пак: „Ене слегуваат луѓе од возвишението, а една чета доаѓа по патот од дубравата Меоним.“ 38Тогаш Зевул му рече: „Каде ти е сега јазикот? Па ти зборуваше: ‘Кој е Авимелех за да му служиме?’ Не се ли онаму луѓето што ти ги презре? Излези сега и биј се со Авимелех!“ 39И Гал излезе на чело на сихемските жители и се судри со Авимелех. 40Авимелех го подгони Гала, и тој побегна пред него; и многу негови луѓе паднаа убиени, до самата градска врата. 41Авимелех тогаш се врати во Арума, а Зевул ги истера Гала и неговите браќа, за да не живеат во Сихем.
8. Авимелех го разурнува целосно Сихем
42Утреден народот излезе во поле, и му го соопштија тоа на Авимелех. 43Тој ја зеде својата војска, ја подели во три одреди и постави заседа во полето. Кога ќе видеше како луѓето излегуваат од градот, се нафрлаше врз нив и ги погубуваше. 44Додека Авимелех, со својот одред, удираше кај градската врата, другите два одреди се нафрлија врз оние кои беа во полето, и така ги погубија. 45Авимелех го опсадуваше градот цел ден. Откако го зазеде, ги погуби сите жители; го разурна градот и посеа сол по него.
9. Опожарување на Сихемска Тврдина
46Кога го чуја тоа господарите на Мигдал Сихем, влегоа сите во утврдениот простор на храмот Вал-Верит. 47Кога Авимелех научи дека сите жители на Мигдал-Сихем се собрале таму, 48се искачи на Салмонската Гора со сета своја војска. Откако зеде секира во раката, отсече гранка од дрво, ја крена и ја стави на рамото. А на луѓето им заповеда: „Што видовте дека направив јас, направете брзо и вие.“ 49И сите луѓе пресекоа по гранка за себе, а потоа тргнаа по Авимелеха, ги нафрлија гранките пред тврдината и ја запалија со оган со нивна помош. Така умреа сите луѓе на Мигдал Сихем (Сихемска Тврдина), околу илјада мажи и жени.
10. Авимелехова смрт
50Потоа Авимелех тргна против Тевес, го опседна и го освои.
51Таму имаше, среде град, стражарница, каде се засолнаа сите мажи и жени и сите градски жители. Откако ја затворија вратата зад себе, се искачија на покривот на стражарницата. 52Авимелех дојде до стражарницата и ја нападна. Додека ѝ пристапуваше на вратата за да ја изгори со оган, 53една жена му фрли млински камен на главата и му го скрши черепот. 54Тој го повика брзо својот слуга, оружјеносецот, и му рече: „Истргај го мечот и убиј ме за да не се зборува за мене: ‘Жена го уби!’“ Неговиот слуга го прободе, па тој умре. 55Кога Израелците видоа дека Авимелех е мртов, сите се вратија во своите места. 56Така Бог му плати на Авимелеха за злото што тој му го стори на татка си, убивајќи седумдесет свои браќа. 57И сите зли дела на сихемските мажи Бог ги сврте врз нивните глави. И така ги стигна проклетството на Јотам, синот Јеровалов.

Селектирано:

СУДИИ 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се