СУДИИ 8
8
д. Ефремовци незадоволни од Гедеон
1Тогаш Ефремовите луѓе му рекоа на Гедеона: „Како постапи со нас: не нѐ повика кога тргна во бој против Мадијамците?“ И му приговорија жестоко. 2Тој им одговори: „Па што сум направил јас кога ќе се споредам со вас? Не е ли Ефремовото дособирање подобро од Авиезеровиот гроздобер? 3Господ ги предаде во вашите раце мадијамските кнезови Орива и Зива. Може ли да се споредува моето дело со она што го направивте вие?“ На тие зборови стивна нивниот гнев против него.
ѓ. Жители на Сокхот и Фануил му откажуваат помош на Гедеон
4Кога Гедеон дојде до Јордан, го помина, но тој и трите стотини луѓе, со него, беа изнемоштени и гладни. 5Затоа им рече на луѓето од Сокхот: „Дајте им леб на луѓето кои одат по мене, изнемоштени се. Јас ги гонам Зевеја и Салмана, мадијамските цареви.“ 6Но сокхотските главатари му одговорија: „Зар Зевеевата и Салмоновата рака веќе се во твојата рака, за да ѝ дадеме леб на твојата војска?“ 7Гедеон им рече: „Добро! Кога Господ ќе ми ги предаде во рацете Зевеја и Салмана, ќе ви го раскинам телото со трње и со пустински глогови.“ 8Оттаму отиде во Фануил и побара исто од Фануилците, а тие му одговорија како што му одговорија и Сокхотците. 9Тој им се закани и на Фануилците: „Кога ќе се вратам како победник, ќе ви ја разрушам оваа кула.“
е. Запленување на Зевеј и Салман
10Зевеј и Салман беа во Каркор, и нивната војска со нив, околу петнаесет илјади луѓе, што беа оставени од војската на синовите на Исток; сто и дваесет илјади војници паднаа. 11Гедеон тргна по патот на оние што живеат под шатори, источно од Нова и Јогвеја, па ја порази војската што стоеше безгрижно. 12Зевеј и Салман избегаа. Тој ги подгони и ги фати двата мадијамски цареви, Зевеј и Салман. А сета војска им ја уништи. ж. Казнување на жители на Сокхот и Фануил 13По битката Гедеон, синот Јоасов, се врати од војна преку Хереската Нагорница. 14И фати еден млад човек од Сокхот па почна да го распрашува; а тој му ги напиша имињата на сокхотските кнезови и старешини, седумдесет и седум луѓе. 15Потоа Гедеон отиде кај Сокхотците и рече: „Еве ги Зевеј и Салман заради кои ми се потсмевнувавте мене, велејќи: ‘Дали се Зевеевата и Салмоновата рака веќе во твојата рака па да им дадеме леб на твоите изнемоштени луѓе?’“ 16Ги фати градските старешини, набра пустински трња и глогови, и ги казни со нив Сокхотците. 17Ја разурна Фануилската Кула и ги погуби жителите.
18Тогаш им рече на Зевеј и Салман: „Какви беа луѓето кои ги погубивте на Тавор?“ „Личеа на тебе, - одговорија. - Секој беше како царски син.“ 19“Тоа беа мои браќа, синови на мајка ми - рече Гедеон - Господ е жив! Ако ги оставевте во живот, јас не би ве убил.“ 20Потоа му заповеда на својот првенец Етер: „Стани, погуби ги!“ Но детето не извлече меч: се боеше, уште беше младо. 21Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани ти и нападни нѐ зашто каков е човекот, таква му е и силата.“ И откако стана, Гедеон ги погуби Зевеја и Салмана, и ги зеде месечинките украси што висеа на вратот на нивните камили.
7. Гедеон се откажува од владеење и прави ефод
22Израелците му рекоа на Гедеона: „Владеј над нас, ти и твојот син и твојот внук, зашто ти нѐ избави од Мадијамците.“ 23Но Гедеон им одговори: „Не, не сакам да владеам над вас, а ни мојот син; Господ ќе биде ваш владетел.“ 24Уште им рече Гедеон: „Само едно барам од вас: секој да ми го даде прстенот од својот плен.“ Победените носеа златни прстења, зашто беа Исмаилци. 25“Со радост“, одговорија тие. Тогаш тој го распростре својот плашт, и секој од нив фрли по прстен од својот плен. 26Тежината на златните прстења што ги побара изнесуваше илјада и седум стотини златни сикли; освен месечињата, наушниците и облеките од црвено сукно што ги носеа мадијамските цареви, и освен веришките што беа околу вратот на нивните камили. 27Гедеон направи од тоа ефод и го постави во својот град Офра. И сиот Израел блудно одеше таму по него; и тоа им беше стапица на Гедеона и на неговиот дом. 28Така Мадијамците беа покорени под Израелците. Веќе не ја креваа главата, и земјата беше мирна четириесет години, додека живееше Гедеон.
8. Гедеонова смрт
29Јеровал, синот Јоасов, отиде и живееше во својата куќа. 30Гедеон имаше седумдесет синови, кои потекнуваа од него, зашто имаше многу жени. 31Неговата наложница, која што живееше во Сихем, му роди син, кому му го даде името Авимелех. 32Гедеон, синот Јоасов, умре во длабока старост; го погребаа во гробот на татка му Јоас во Авиезерова Офра.
9. Петто отпаѓање на Израел
33По Гедеоновата смрт, Израелците пак почнаа да одат блудно по вааловците, па си го поставија за бог Ваал-Верит. 34Израелците веќе не си спомнуваа за Господа, својот Бог, кој ги избави од рацете на сите нивни непријатели наоколу. 35И не му искажуваа благодарност на домот на Јеровал, Гедеон, за доброто што му го направи на Израел.
Селектирано:
СУДИИ 8: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.