СУДИИ 6
6
З. Четврто отпаѓање. Шестти судија - Гедеон
1. Отстапување од Бога и ропство
1Пак Израелевите синови правеа што е зло во Господовите очи; и Господ ги предаде во рацете на Мадијамците за седум години. 2Тешка беше раката на Мадијамците над Израел. За да им избегаат на Мадијамците, Израелците се засолнуваа во горските пукнатини, пештери и засолништа. 3И кога Израелците ќе посееја, Мадијамците и Амаличаните и синовите на Исток доаѓаа против нив. 4Откако ќе се настанеа на нивната земја, го уништуваа родот на земјата сѐ до Газа. Не му оставаа на Израел за да се прехрани ни овца ни коза, ни вол ни осле, 5зашто доаѓаа со своите стада и со своите шатори во толкаво множество како скакулци; и тие и нивните камили беа безбројни; и одеа по Израелевата Земја за да ја запустат. 6Така Мадијамците го фрлија Израел во голема беда, па Израелците извикаа кон Господа.
2. Господ испраќа пророк
7Кога Израелевите синови извикаа кон Господа заради Мадијамците, 8Господ им испрати на Израелците пророк, кој им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас ве изведов од Египет, ве избавив од Домот на Ропството. 9Јас ве ослободив од рацете на Египетците и од рацете на вашите угнетувачи. Ги изгонив пред вас, ви ја дадов нивната земја, 10и ви реков: „Јас сум Господ, ваш Бог. Не почитувајте ги боговите на Аморејците, во чија земја живеете. Но вие не го послушавте Мојот глас.“‘“
3. Господ го повикува Гедеона
11Господов Ангел дојде и седна под дабот при Офра, што му припаѓаше на Јоас Авиезеров. Неговиот син Гедеон чукаше жито на гумното, за да го запази од Мадијамците. 12И му се јави Господов Ангел и му рече: „Господ со тебе, храбар јунаку!“
13Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нѐ најде сѐ ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нѐ изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нѐ остави, нѐ остави во рацете на Мадијамците.“ 14Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.“ 15“Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.“ 16Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.“ 17Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене. 18Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.“ А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.“
19Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сѐ тоа под дабот. 20Господовиот Ангел му рече: „Земи го месото и бесквасните лебови, стави ги на таа стена, а чорбата истури ја.“ Тој направи така. 21Господовиот Ангел го зеде жезалот што го држеше и со врвот ги допре месото и пресните лебови. Оган пламна од стената и ги спали месото и пресните лебови. Потоа Господовиот Ангел исчезна од пред неговите очи. 22А Гедеон согледа дека тоа бил Господов Ангел и рече: „Ах, Господи! Го видов Господовиот Ангел лице во лице!“ 23Господ му одговори: „Мир со тебе! Не бој се, не ќе умреш!“ 24Гедеон Му подигна жртвеник на Господа на тоа место и го нарече Јахве Шалом (Господ на Мирот).“ Тој стои до денес во Авиезеровата Офра.
4. Гедеон разурнува Ваалов жртвеник
25Во истата ноќ Господ му рече: „Земи од татка си згоен јунец, седумгодишен јунец, и разурни го Вааловиот жртвеник, и исечи ги Ашерите покрај него. 26Потоа подигни Му жртвеник на Господа, твојот Бог, на врвот на таа горска стена и уреди го добро. Земи го јунецот и принеси паленица на дрвата на Ашерите што ќе ги исечеш во горичката.“ 27Тогаш Гедеон зеде десет луѓе од своите слуги и направи како што му заповеда Господ. Но бидејќи се плашеше од своето семејство и од граѓаните - го направи тоа ноќе.
28Кога граѓаните поранија утреден - а тоа: разурнат Вааловиот жртвеник и исечени Ашерите покрај него, а јунец жртвуван како паленица на нов олтар. 29И се прашуваа едни други: „Кој го направи тоа?“ Испитаа, истражија па рекоа: „Гедеон, Јоасовиот син, го направи тоа.“ 30Тогаш граѓаните му рекоа на Јоас: „Изведи го синот за да умре, зашто го разурна Вааловиот жртвеник и ги исече Ашерите покрај него.“ 31Јоас им одговори на сите кои стоеја околу него: „Зар вие ќе го браните Ваала? Зар вие ќе го спасувате? Кој го брани Ваала ќе биде погубен пред утрешниот ден. Ако е тој бог, нека се брани самиот од Гедеона, зашто му го разурнал жртвеникот.“ 32Во тој ден го нарекоа Гедеона: Јеровал, зашто се зборуваше: „Самиот Ваал нека се пресмета со него, зашто му го разурна жртвеникот.“
33Сите Мадијамци, Амаликци и синовите на Исток се собраа, и откако го поминаа Јордан, се влогорија во Езраелската Долина. 34Господовиот Дух го укрепи Гедеона, и тој затруби во рог, и Авиезеровиот род застана зад него. 35Тој испрати гласници низ целото Манасиево племе, па и тие застанаа зад него. Испрати вестители и во племето Асирово, Завулоново и Нефталимово, па и тие им тргнаа во пресрет.
5. Бог му дава знак на Гедеона со руно и роса
36Гедеон Му рече на Бога: „Ако навистина сакаш да го ослободиш Израел со мојата рака, како што вети, 37еве ќе сложам овчо руно на гумно: ако има роса само на руното, а ако земјата остане сува, тогаш ќе знам дека со мојата рака ќе го избавиш Израел, како што вети.“ 38И бидна така. Гедеон порани утреден па исцеди роса од руното - полна кофа вода. 39Пак Гедеон Му рече на Бога: „Не разгневувај се на мене, дека ќе Ти проговорам уште еднаш. Дозволи ми уште овој пат да се обидам со руното: само руното нека биде суво, а росата нека биде по сета земја!“ 40И Бог направи така во онаа ноќ: само руното остана суво, а росата падна по сета земја.
Селектирано:
СУДИИ 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.