Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 5

5
6. Песна на Девора и Варак
1Во тој ден Девора и Варак, синот Авиноамов, ја запеаја оваа песна: 2“Борбено ги растурија коските израелските борци; и народот тргна доброволно:
Благословувајте Го Господа!“
3“Чујте, о цареви! Послушајте, кнезови!
Јас му пеам песна на Господа,
јас Го славам Господа, Израелевиот Бог.“
4“Господи, кога слегуваш од Сир,
кога чекореше победнички
низ Едомските Полиња,
сета земја се тресеше, небесата лееја,
облаците врнеа со дожд.
5Горите се тресеа пред Тебе, о Господи,
самиот Синај од присуството на Господа,
Израелевиот Бог!“
6“Во деновите на Самегар, синот Анатов,
во деновите на Јаила запустеа патиштата;
и оние кои што патуваа,
обиколуваа наоколу.
7Водачите престанаа во Израел, престанаа
додека не станав јас, Девора,
додека не станав како мајка на Израел.
8Си избраа туѓи богови
и затоа војната им застана пред вратата.
За пет градови немаше ни еден штит!
Ниеден цар за четириесет илјади во Израел!
9Моето срце чука за израелските водачи,
за народот што доброволно тргнува во бој!
Благословувајте Го Господа!“
10“Вие, кои јавате на бели ослици,
седејќи на меки постелки,
и вие кои одите по патиштата, пејте,
11покрај извиците на развеселените пастири
кај поилата.
Нека бидат славени Господовите добротворства
и Неговото владеење со Израел!
И Господовиот народ слезе на вратата.“
12“Разбуди се, Деворо, стани!
Стани, запеј песна!
Храбро, стани, Вараку,
води ги во робје своите поробувачи,
сине Авиноамов!“
13“Тогаш слезе остатокот од луѓето против благородните:
Господ слезе со мене против крепките.
14Од Ефрема затекоа кон долината,
по нив, Венијамин стигна
меѓу твоите.
Од Махир настапуваат началниците,
од Завулон оние што носат
заповеднички жезал.
15Исахаровите кнезови беа со Девора,
и Исахар, исто, тргна со Варака,
побрза да го стигне во долината.
Кај Рувимовите Потоци
се советуваат долго.
16Зошто остана меѓу трлата
за да ги слушаш блеењата на стадата?
Кај Рувимовите Потоци
се советуваа долго.
17Галад мируваше отаде Јордан.
А зошто е Дан на туѓински бродови?
Зошто Асир седи на брегот на морето?
и мируваше во своите пристаништа?
18Завулон е народ што ѝ ја вети душата на смртта,
и Нефталим на висорамнините.“
19“Дојдоа цареви, војуваа,
бој водеа ханаанските цареви,
во Танаха, во Мегидската Вода,
но не добија ни малку сребро.
20Од небесните врвици војуваа,
војуваа ѕвездите против Сисара.
21Потокот Кисон ги одвлече,
потокот Кедумим, поток Кисон.
Цврсто гази, моја душо!
22Тогаш се кршеа коњските копита,
од трчањето, од трчањето на јунаците.
23’Проколнете го Мироз, - рече Господовиот Ангел, -
проколнете ги, проколнете ги, неговите жители,
зашто не Му дојдоа на помош на Господа,
на помош на Господа со храбрите.’“
24“Благословена да е меѓу жените Јаила,
жената на Кенеецот Хевер,
нека биде славена
меѓу жените во шаторите!
25Тој побара вода,
таа му даде млеко,
во скапоцена чинија му даде кравја маст.
26Со левата рака посегна по колот,
а со десната по ковачкиот чук.
Го удри Сисара, му ја расцепи главата,
му ја продупчи, му ја скрши слепоочницата.
27Ѝ падна до нозете, се одвали, легна,
ѝ падна до нозете, се сруши;
и каде падна, остана мртов.“
28“Низ прозорец гледа Сисарината мајка,
низ прозорец наѕира, до решетката вика:
‘Колесницата не му се враќа долго:
зошто им е толку бавна запрегата?’
29Најмудрата дворјанка ѝ зборува,
сама себе си одговара:
30’Плен најдоа па го делат:
по девица на војник,
по девица и по две,
пленета разнобојна облека за Сисара,
везена од двете страни,
симната од плеќи на пленик!’“
31“Господи, така нека гинат
сите Твои непријатели!
А оние кои Те љубат нека бидат,
како сонце,
кога изгрева со сета своја сила!“
- И земјата беше мирна четириесет години.

Селектирано:

СУДИИ 5: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се