Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 14

14
3. Самсонова женачка со Филистејка
а. Самсон во Тамнат
1И Самсон слезе во Тамнат и здогледа таму девојка од филистејските ќерки. 2Откако се врати, им го довери тоа на таткото и на мајката: „Забележав во Тамнат - рече тој - девојка од филистејските ќерки: оженете ме со неа.“ 3Таткото и мајката рекоа: „Зар нема девојки меѓу ќерките на твоето племе и во сиот наш народ, па ти одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?“ Но Самсон му одговори на татка си: „Ожени ме со неа, зашто таа ми замиле.“ 4Таткото и мајката не знаеја дека тоа е од Господа, Кој бараше закачка со Филистејците, зашто во тоа време Филистејците владееја над Израел. б. Самсон убива лав 5Така Самсон слезе во Тамнат и кога дојде во Тамнатските Лозја, ете - одненадеж пред него скокна млад лав, рикајќи. 6Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот, како што се раскинува јаре; но не им кажа ни на таткото ни на мајката што направил. 7Откако дојде, разговараше со девојката, и така му замиле. 8По некое време, кога се врати да ја одведе, Самсон сврти за да го види мртвиот лав, а ете во мртвиот лав рој пчели и мед. 9Тој зеде мед во рацете, и го јадеше одејќи патем. Кога се врати при таткото и при мајката, им даде и ним, па и тие јадеа, но не им кажа дека го зел од мртов лав.
в. Самсонова загатка на брачна гозба
10Потоа отиде кај жената, и таму му приготвија гозба на Самсона; траеше седум денови, зашто таков обичај имаа младоженците. 11Но бидејќи се плашеа од него, избраа триесет свадбени другари да бидат покрај него. 12Тогаш Самсон им рече: „Ајде да ви дадам загатка. Ако ја отгатнете во текот на седумте свадбени денови, ќе ви дадам триесет ленени кошули и триесет свечени облеки. 13Но ако не можете да ја отгатнете, вие ќе ми дадете мене триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.“ „Кажи ни ја загатката - му одговорија тие - ние те слушаме.“ 14А тој им рече: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко.“ Но за три дни не можеа да ја отгатнат загатката. г. Самсон ја објаснува гатанката. Предавство на Самсоновата жена 15На четвртиот ден ѝ рекоа на Самсоновата жена: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом! Зар нѐ повикавте тука, за да не ограбите?“ 16Тогаш жената, расплакана, пред него рече: „Ти само ме мразиш, и не ме љубиш. Им даде гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја објасни.“ Тој ѝ одговори: „Не им ја објаснив ни на таткото ни на мајката, па тебе ли ќе ти ја објаснам?“ 17Таа му плачеше околу вратот седум денови, колку што траеше гозбата. На седмиот ден тој ѝ ја кажа, зашто му досади многу. А таа им ја кажа на синовите на својот народ. 18На седмиот ден, пред зајдисонце, луѓето од градот му рекоа на Самсона: „Што има послатко од мед и што има посилно од лав?“ А тој им одговори: „Ако не оравте со мојата јуница, не ќе ја погодевте гатанката.“ 19Тогаш Господов Дух дојде на него, па тој слезе во Аскалон и таму уби триесет луѓе, им ја зеде облеката и им даде свечени облеки на оние, кои ја отгатнаа гатанката, а тогаш сиот гневен се врати во татковата куќа. 20А Самсоновата жена му ја дадоа на другарот, кој му беше свадбен придружник.

Селектирано:

СУДИИ 14: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се