Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 24

24
ИСАИЕВО ОТКРОВЕНИЕ (АПОКАЛИПСА): СВРШЕТОК НА ВРЕМЕ
24:1-27:13
А. Божји Суд над земја
1. Суд над сите припадници на човечкото општество
1Ете, Господ ја запустува земјата, ја разурнува, ѝ го обезобразува лицето, ги распрснува нејзините жители. 2Свештеникот ќе биде како и народот, господарот како и слугата, господарката како и слугинката, продавачот како и купувачот, заемодавачот како и позајмувачот, оној што дава на заем како и должникот. 3Земјата ќе биде запустена, сосем ограбена, зашто Господ одлучи. 4Земјата тажи, венее, светот гине, згаснува, небото пропаѓа со земјата. 5Земјата е онечистена под своите жители, зашто го престапија Законот, ја изгазија одредбата, го нарушија вечниот Завет. 6Затоа проклетството ја проголтува земјата, нејзините жители се виновни. Затоа се изгорени земните жители и малку луѓе останаа. 7Виното тагува, лозата венее, воздивнуваат сите што беа со весело срце. 8Прекрати веселбата покрај тапаните, замре разиграната врева, прекратија веселбите покрај гуслето. 9Не се пие веќе вино со песни, се згорчи жестокиот пијалак. 10Суетниот град е разурнат, затворен е влезот во сите куќи. 11Плач по улиците заради виното, ја снема секоја веселба, радоста е протерана од земјата. 12Само пустота остана во градот, со тресок се скршени вратите; 13зашто така се збиднува на земјата, меѓу народите, како кога ќе се соберат маслинките, или кога се дособира грозјето по гроздоберот.
2. Остатокот на народ ќе Го слави Господа
14Тие го креваат гласот, воскликнуваат од радост; го возвишуваат од морето Господовото величие. 15Тие го слават Господовото Име на исток, го слават морските острови името на Господа, Израелевиот Бог. 16Од крајот на земјата ја слушаме песната: „Слава на Праведникот!“ Но јас велам: „Пропаднав! Пропаднав! Тешко мене! Вероломците се изневерија со неверство, вероломците се изневерија.“
3. Суд и нов век
17Страв, јама, стапица, за тебе, жителу на земјата: 18Кој ќе избега пред гласот на стравот, ќе падне во јама, кој ќе се извлече од јамата ќе биде фатен од стапицата. Да, ќе ги отворам браните одозгора и ќе ги растресам основите на земјата. 19Земјата ќе се разбие грозно, земјата ќе се распука страшно, земјата ќе се стресе силно, 20земјата ќе се залула како пијаница, ќе се заниша како колиба, толку ќе ѝ стежне нејзиното беззаконие, што ќе падне и веќе не ќе стане. 21И ќе се случи во оној ден: Господ ќе ја казни во висината небесната војска, а на земјата сите земни цареви; 22ќе бидат собрани и затворени во јама, затворени во темница и казнети по многу денови. 23Месечината ќе се зацрвени, сонцето ќе се засрами, зашто Господ над Воинствата ќе царува на Сионската Гора и во Ерусалим, и Неговата слава ќе блеска пред старешините.

Селектирано:

ИСАИЈА 24: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се