Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 22

22
И. Пророштво за Ерусалим, Долина на Видение
1. Невнимание кон предупредување
1Пророштво за Долината на Видението. Што ти е да се искачуваш цел на покривите, 2граде полн со врева, бучен граде, разигран граде? Твоите истепани не паднаа од меч, ниту твоите мртви паднаа во бој; 3сите твои главатари побегнаа заедно, паднаа во ропство не оптегнувајќи лак. Заробени се сите твои кнезови, напразно избегаа далеку. 4Затоа велам: „Оставете ме, ќе заплачам горко; не ме утешувајте заради уништувањето на Ќерката на Мојот народ.“ 5Зашто ова е ден на метеж и на угнетување од Господа, од Господа над Војските. Во Долината на Видението се руши ѕид, извик за помош се крева во планините. 6Елам го зема тулот, Арам јава коњ, а Кир го открива штитот. 7Твоите красни долини полни се со бојни коли, коњаниците се наредија пред вратата.
8Така паѓа Јудината заштита. Во оној ден го сврте погледот на оружјето во Горската Куќа. 9Видовте дека во Давидовиот Град има многу пукнатини. Ги собравте водите од Долниот Рибник. 10Ги преброивте ерусалимските куќи, ги разурнавте куќите за да го зацврстите ѕидот. 11Меѓу двата ѕида направивте собиралиште за водата од Стариот Рибник. Но не погледнавте кон Творецот, ниту го видовте Оној Кој одамна смислил сѐ.
12Господ, Господ над Воинствата, ве повикуваше во оној ден да плачете и да жалите, да ги избричите главите и да ги препашете вреќиштата. 13А ете: радост и веселба, ги убиваат говедата и ги колат овците; јадат месо и пијат вино: „Да јадеме и пиеме, зашто утре ќе умреме.“ 14Но Господ над Силите ми јави: „Додека не умрете, тој грев нема да ви биде простен,“ рече Господ, Господ над Восјките.
2. Замена на Шевна со Елијаким
15Вака зборува Господ, Господ над Воинствата: „Тргни, оди кај оној дворјанец, кај Шевна, домоуправник на дворецот, 16кој си делка гроб на високото место и си засечува живеалиште во стената: ‘Со што располагаш тука и кого го имаш тука, за да делкаш гробница за себе? 17Ете, Господ ќе те фрли далеку со еден единствен удар, ќе те фати силно, 18ќе те смота во клопче, ќе те фрли како топка во широка земја! Ти ќе умреш таму, со колата што ти беше слава, ти, сраму на дворецот на својот господар! 19Ќе те лишам од твојата служба, ќе те истерам од твоето место.
20Ќе го повикам својот слуга Елијаким, Хелкиевиот син. 21Ќе му ја облечам твојата облека, ќе го препашам со твојот појас, ќе му ја предадам твојата власт во рацете, па ќе им биде татко на ерусалимските жители и на Јудината куќа. 22Ќе му го ставам на плеќи клучот на Давидовиот Дом: Кога ќе отвори, никој не ќе затвори, кога ќе затвори, никој не ќе отвори. 23Ќе го забијам како клин во цврсто место; и ќе стане престол на слава на татковиот си дом. 24На него ќе биде закачувана сета слава на неговиот татковски дом, подниците и потомството, сите мали садови, од чаши до грнци. 25Во оној ден - слово е на Господа над Војските - ќе го истргам клинот закачен во цврсто место, ќе се скрши и ќе падне. И сиот товар што висеше на него ќе се скрши, зашто Господ зборуваше.’“

Селектирано:

ИСАИЈА 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се