Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 50

50
1Јосиф падна на лицето на татка си, го облеа со солзи и го изљуби. 2Потоа Јосиф им нареди на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат татка му; и тие го балсамираа Израел. 3Поминаа четириесет денови: имено, толку трае балсамирањето. Египетците го оплакуваа седумдесет денови. 4А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот: 5мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.“ 6Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.“ 7Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја; 8целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја. 9Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка. 10Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си. 11Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!“ Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан. 12Јакововите синови направија како што им нареди таткото: 13го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување. 14Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му.
Јосифова милост кон браќата
15Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?“ 16Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача: 17‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.“‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!“ На тие зборови Јосиф се расплака. 18Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нѐ кај тебе да ти бидеме робови!“ 19Јосиф одговори: „Не бојте се! Па зар сум јас место Бога! 20Освен тоа, иако имавте вие намера да ми сторите зло, Бог го сврте тоа кон добро: да направи тоа што се случува денес - да спаси живот на голем народ. 21Затоа не бојте се! Јас ќе се грижам за вас и за вашите деца.“ Така ги смири со љубезни зборови.
Јосифова смрт
22Јосиф остана во Египет заедно со својот и со татковиот род; Јосиф живееше сто и десет години. 23Така Јосиф ги виде Ефремовите деца до третото колено; а му се раѓаа деца и на Махир, синот Манасиев, на Јосифови колена. 24Најпосле Јосиф им рече на браќа си: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова.“ 25Тогаш Јосиф ги заколна Израелевите синови: „Бог вистина ќе се сети за вас, и тогаш изнесете ги моите коски оттука!“ 26Јосиф умре кога му беа сто и десет години; го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.

Селектирано:

БИТИЕ 50: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се