ИЗЛЕЗ 1
1
Размножување на Израел во Египет
1Ова се имињата на Израелевите синови, кои слегоа со Јакова во Египет, секој со своето семејство: 2Рувим, Симеон, Леви и Јуда; 3Исахар, Завулон и Венијамин; 4Дан и Нефталим, Гад и Асир. 5Вкупно беа седумдесет души Јаковови потомци. А Јосиф веќе беше во Египет. 6И Јосиф умре, а изумреа и сите негови браќа и целото тоа поколение. 7Ама Израелците беа родни, се намножија и многу се засилија, така што ја наполнија земјата.
8Тогаш во Египет завладеа нов цар, кој не го познаваше Јосифа. 9И тој му рече на својот народ: „Ете, Израелевите синови станаа броен народ и посилни од нас. 10Ајде, да постапиме мудро со нив: да им го спречиме растежот, за да не им се придружат на нашите непријатели во случај на војна, да не удрат на нас и на крај да си отидат од земјата.“ 11И поставија врз нив надгледувачи да ги измачуваат со тешки работи. Така му изградија на фараонот градови - складишта: Питом и Рамзес. 12Ама колку повеќе ги измачуваа, тие уште повеќе се размножуваа, напредуваа и се ширеа, така што Египетците се плашеа од Израелците. 13И Египетците се нафрлија жестоко на Израелците. 14Им го загорчуваа животот со тешки работи: со правење на кал и плитари, со разни полски работи и со разновидни напори, што им ги наметнуваа немилостиво.
15Египетскиот цар им се обрна и на еврејските бабици, од кои името на едната ѝ беше Сепфора, а на другата Фуа, па им нареди: 16„Кога при раѓањето им помагате на Еврејките, набљудувајте: ако е детето машко, убијте го; ако е женско, нека живее.“ 17Но бабиците се боеја од Бога и не правеа како што им нареди египетскиот цар, туку ги оставаа во живот машките деца. 18Затоа египетскиот цар ги повика бабиците и им рече: „Зошто работевте така и ги остававте во живот машките деца?“ 19На тоа бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како египетските жени. Тие се здрави. Тие веќе родиле пред да дојде бабицата кај нив.“ 20Бог го прими тоа за добро на бабиците. Народот се множеше и многу порасте. 21А бидејќи бабиците се боеја од Бога, Тој им подари потомство. 22Тогаш фараонот му нареди на целиот свој народ: „Фрлете го во Реката секое машко дете, што ќе им се роди на Евреите! Само женските деца оставете ги во живот.“
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 1: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.