Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 22

22
Бог го испитува Авраама
1По тие настани Бог го стави на проверка Авраама. Го повика: „Аврааме!“ Тој одговори: „Еве ме!“ 2Бог продолжи: „Земи го својот син, својот единец Исак, кого го љубиш, и отиди во месноста Морија и принеси го таму како жртва паленица, на ридот што ќе ти го покажам.“ 3Утрото Авраам стана рано, му стави самар на ослето и ги поведе со себе, двајцата свои слуги и сина си Исака, откако пред тоа нацепи дрва за жртва паленица, и се запати кон местото што Бог му го означи. 4На третиот ден Авраам ги подигна очите и го виде местото оддалеку. 5Тогаш Авраам им рече на слугите: „Вие останете тука покрај ослето, а јас и детето ќе одиме горе да се поклониме, па ќе се вратиме при вас.“ 6Авраам ги зеде дрвата за жртвата паленица, ги натовари на сина си Исака, а во својата рака зеде оган за потпалување и нож. Така тргнаа двајцата заедно. 7Тогаш Исак му рече на татка си Авраама: „Татко!“ „Еве ме, сине!“ се јави тој. „Еве огнот и дрвата - пак рече синот - но каде е јагнето за жртвата паленица?“ 8„Бог Самиот ќе си предвиди за јагнето за жртвата паленица, сине мој!“ одговори Авраам. И го продолжија патот.
9Стигнаа до местото за кое зборуваше Бог. Тогаш Авраам подигна жртвеник, ги нареди дрвата, го врза својот син Исака и го положи над цепениците на жртвеникот. 10Сега Авраам ја испружи раката и го зеде ножот, за да го заколе сина си. 11Но Господов ангел од небото го повика и рече: „Аврааме! Аврааме!“ „Еве ме!“ одговори тој. 12„Не ја спуштај раката врз детето - рече - ниту му прави нешто! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го задржа од Мене ни својот син, својот единец.“ 13Ги подигна Авраам очите и виде, и ете, зад него овен сплеткан со роговите во грмушка. Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе во жртва сѐпаленица место сина си. 14Авраам му даде име на тоа место Јахве-Ире (Господ Промислува). Затоа се вели денес: „На Гората На Господовото Промислување.“
15Господовиот ангел го повика Авраама, од небото, по вторпат 16и рече: „Се заколнувам Сам со Себеси, Господ вели: бидејќи го направи тоа и не го задржа од Мене својот син единец, 17ќе го излеам Својот благослов на тебе и ќе го направам твоето потомство многубројно, како ѕвезди на небото и песок на морскиот брег! А твоите потомци ќе ги освојуваат вратите на своите непријатели. 18Бидејќи ја послуша Мојата заповед, сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство.“ 19Потоа Авраам се врати при своите слуги и заедно се запатија кон Вирсавеа. Авраам се насели во Вирсавеа. 20По тие настани му соопштија на Авраама: „И на твојот брат Нахор - Мелха му народи деца: 21неговиот првороденец Уз, брата му Уза; и Камуела - Арамовиот татко, 22Кеседа, Азава, Филдеса, Едлафа и Ватуела. 23Ватуел беше Ревекин татко. Тие осуммина му ги роди Мелха на Нахора, Авраамовиот брат. 24А и неговата соложница, чие име беше Ревма, ги роди: Тавека, Гама, Тахаса и Мааха.

Селектирано:

БИТИЕ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност