БИТИЕ 17
17
Аврамово обрезување
1Кога Аврам имаше деведесет и девет години, Господ му се јави и му рече: „Јас Сум Ел Шадај - Сѐ моќен Бог, оди по Мојот пат и биди непорочен. 2А Својот Завет го склучувам со тебе и ќе те размножам многу.“ 3Аврам падна ничкум додека Господ му зборуваше уште: 4„А ова е Мојот Завет со тебе, ќе станеш татко на многу народи; 5и повеќе нема да се викаш Аврам (Висок Татко), туку името ќе ти биде Авраам (Татко на Множество), зашто те поставувам за татко на многу народи. 6Ќе те направам многу плоден; ќе произведам народи од тебе и цареви ќе произлезат од тебе. 7Го склучив Својот Завет меѓу Мене и тебе и твоето потомство, после тебе - Свој вечен Завет за векови: Јас ќе ви бидам Бог тебе и на твоето потомство, после тебе. 8Ви ја давам, тебе и на твоето потомство после тебе, земјата, во која престојуваш како придојденец, целата Ханаанска Земја, во вечна сопственост, а Јас ќе им бидам Бог.“
Знак на Заветот
9Уште Бог му рече на Авраама: „А ти чувај го Мојот Завет - ти и твоето потомство по тебе низ сите родови. 10А ова е Мојот Завет, со тебе и со твоето потомство после тебе, што треба да го чувате: секое машко меѓу вас нека биде обрезано. 11Обрезувајте се и тоа нека е знак на Заветот меѓу Мене и вас. 12Секое машко среде вас, низ вашите поколенија, кога ќе наполни осум дена, нека биде обрезано, како она што е родено во вашиот дом, така и она што е купено со сребро од некој странец, кој не е од вашата крв. 13Да, и родениот во твојот дом и купениот со сребро треба да биде обрезан! Така Мојот Завет на вашите тела ќе остане вечен Завет. 14Машкото што не ќе биде обрезано, нека биде истребено од својот род: зашто го нарушило Мојот Завет.“
15После Бог му рече на Авраама: „На твојата жена Сара не ѝ е повеќе името Сара: името ќе ѝ биде Сáра. 16Ќе ја благословам неа и ќе ти дадам син од неа; ќе излеам благослов врз неа и ќе стане мајка на многу народи; цареви на народи ќе произлезат од неа.“ 17Авраам падна ничкум и се насмеа и рече во себеси: „Зар може да му се роди дете на оној, кој има сто години? Зар Сáра ќе раѓа во деведесеттата година?“ 18Авраам му рече на Бога: „Нека поживее Исмаил пред Тебе!“ 19А Бог рече: „Сепак твојата жена Сáра ќе ти роди син; дај му име Исак. Својот Завет ќе го склучам со него; вечен Завет со него и со неговото потомство после него. 20Те послушав и за Исмаила. Еве го благословувам: ќе го направам плоден и ќе го размножам многу; дванаесет кнезови ќе произлезат од него и голем народ ќе направам од него. 21Но ќе го држам Својот Завет со Исак, кого ќе ти го роди Сáра, догодина во ова време.“
22Кога го заврши разговорот со него, Бог замина од кај Авраама. 23Потоа Авраам ги зеде: својот син Исмаил и сите кои беа родени во неговиот дом и сите што ги купи со сребро - сите машки домашни - и ги обреза во истиот ден, како што Бог му рече. 24Авраам имаше деведесет и девет години кога се обреза, 25а неговиот син Исмаил имаше тринаесет години кога го обреза. 26Така во истиот ден беа обрезани Авраам и неговиот син Исмаил; 27и сите машки во неговиот дом, како родените во неговата куќа, така и купените со сребро од странци - сите беа обрезани заедно со него.
Селектирано:
БИТИЕ 17: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.