Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 18

18
Ветување за Исак
1Потоа Господ му се јави кај дабот Мамра, додека седеше пред влезот на својот шатор, во дневната жега. 2Кога ги подигна очите, забележа тројца мажи, како стојат не далеку од него. Штом ги здогледа, се стрча од влезот на шаторот, за да ги пресретне. Им се поклони до земја 3и рече: „Господи мој, ако најдов милост во Твоите очи, не одминувај го Својот слуга! 4Нека донесат малку вода и ќе ги измијат Вашите нозе; и одморете се под дрвово. 5Ќе донесам малку леб да ги поткрепите Своите срца, пред да заминете натаму, зашто навративте при Свој слуга.“ Тие одговорија: „Добро, стори како што рече!“ 6Авраам побрза во својот шатор, при Сáра, и ѝ рече: „Бргу! Три мери чисто брашно! Замеси го и испечи погачи!“ 7Тогаш Авраам отрча кај добитокот, фати младо и згоено теле и му го даде на момокот да го зготви набрзина. 8После зеде маст, млеко и зготвено теле и ги стави пред нив; а самиот стоеше пред нив, додека јадеа.
9„Каде е жена ти Сáра?“- го прашаа. А тој одговори: „Ене ја во шаторот.“ 10Тогаш еден од нив рече: „Јас пак ќе се вратам при тебе, догодина, во ова време; а твојата жена Сáра ќе има син.“ Зад него, на влезот на шаторот, Сáра потслушнуваше. 11А Авраам и Сáра беа остарени, во напредната возраст. На Сáра ѝ прекрати вообичаеното кај жените. 12Затоа Сáра се насмеа во себеси и си рече: „Откако овенав, сега ли ќе ја испитам радоста? Освен тоа и мојот господар е стар!“ 13Тогаш Господ го праша Авраама: „Зошто се насмеа Сáра, велејќи: ‘Како ќе родам јас кога сум стара?’ 14Има ли нешто невозможно за Господа? Ќе се вратам кај тебе откако ќе помине времето на бременоста: Сáра ќе има син.“ 15Тогаш Сáра одрече, велејќи: „Не се смеев.“ Дека се исплаши. Но Тој рече: „Да, ти се смееше!“
16Луѓето станаа и тргнаа кон Содом. Авраам тргна со нив, за да ги испрати. 17Господ рече: „Зар да го кријам од Авраама она што ќе го сторам, 18кога од Авраама ќе стане голем и броен народ, и во него ќе бидат благословени сите народи на земјата? 19Зашто Јас го познавам него, тој ќе ги поучува своите деца и својот дом после него како да одат по Господовиот пат и да прават она што е праведно и добро, така да може Господ да го исполни она што му го вети на Авраама.“ 20Тогаш Господ продолжи: „Голема е викотница против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок. 21Ќе слезам долу да видам дали прават навистина така, како што вели тужбата што стигна до мене. Сакам да разгледам.“
Авраам се застапува за Содом
22Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам стоеше уште пред Господа. 23Тогаш Авраам се приближи и рече: „Ќе го погубиш ли и невиниот со виновниот? 24Можеби има педесет праведници во градот. Зар ќе го уништиш местото и нема да го поштедиш заради педесетте невини, кои се таму? 25Далеку да е од Тебе тоа да го погубиш невиниот со виновниот, така што и праведниот и нечесниот да поминат исто! Далеку да е од Тебе! Зар ни Судијата на целиот свет нема да суди праведно?“ 26„Ако најдам педесет праведни во градот Содом - одговори Господ - заради нив ќе го поштедам целото место.“ 27„Еве, јас пак се осмелувам да му зборувам на Господа, - пак проговори Авраам. - Јас, кој сум прав и пепел: 28Можеби ќе има пет праведници помалку од педесет? Дали би го истребил целиот град заради петмината?“ „Нема да го разурнам ако најдам таму четириесет и пет,“ одговори. 29Авраам пак рече: „Можеби ќе се најдат таму само четириесет?“ Тој одговори: „Нема да го сторам тоа заради четириесетмината.“ 30Потоа рече: „Господ нека не се лути ако продолжам: „Можеби ќе се најдат таму само триесет?“ Одговори: „Нема да го направам тоа ако најдам таму само триесет.“ 31Продолжи натаму: „Еве, пак се осмелувам да му зборувам на Господа. Можеби ќе се најдат таму случајно само дваесет?“ Тој одговори: „Нема да го истребам градот заради дваесетмината.“ 32Најпосле рече: „Нека Господ не се гневи, ако речам само уште еднаш: Можеби случајно ќе има таму само десет?“ Тој одговори: „Нема да го уништам заради десетте.“ 33Кога Господ го заврши разговорот со Авраама, замина, а Авраам се врати во своето место.

Селектирано:

БИТИЕ 18: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се