Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗРА 4

4
В. Отпор при градењето на Храмот
1. Непријатели предлагаат помош
1А кога Јудините и Венијаминовите непријатели чуја дека повратниците од пленство Му градат Светилиште на Господа, Израелевиот Бог, 2ги побараа Зоровавела, Исуса и семејните главатари и им рекоа: „Ние сакаме да градиме со вас, зашто, како и вие, Го бараме вашиот Бог и Нему Му принесуваме жртви од времето на Есар Адон, асириски цар, кој нѐ доведе тука.“ 3Зоровавел, Исус и главатарите на израелските семејства им одговорија: „Не е за вас да Му градите со нас Дом на нашиот Бог: Ние сами ќе Му градиме на Господа, Израелевиот Бог, како што ни нареди Кир, персискиот цар.“ 4Тогаш народот на онаа земја ги плашеше луѓето на Јудеја и им пречеше во градењето. 5Ги поткупија советниците да им пречат во замислата: така беше во времето на персискиот цар Кир сѐ до царувањето на персискиот цар Дариј.
2. Писмо до Артаксеркс. Прекратување на работи
6А кога се зацари Ахашверош, во почетокот на неговото царување, напишаа обвинение против жителите на Јудеја и Ерусалим. 7И во времето на Артаксеркс, му пишуваа Вислам, Митредат, Тавеил и другите нивни другари на персискиот цар Артаксеркс против Ерусалим. Поднесокот беше напишан на арамејско писмо и на арамејски јазик. 8Потоа управителот Реум и тајникот Симсај му напишаа на царот Артаксеркс вакво писмо против Ерусалим: 9„Управителот Реум, писарот Симсај и другите нивни другари: персиски судии, пратеници, чиновници; Архевци, Вавилонци, Сузанци - то ест Еламци - 10и другите народи, кои великиот и славен Асурбанипал ги беше одвел во заточение и ги населил во градовите на Самарија и во другите краишта оттаде Реката.“ 11Еве го преписот на писмото што му го испратија: „Цару Артаксерксу, твоите слуги, од онаа страна на Реката. И така, сега, 12царот нека знае дека Јудејците стигнаа кај нас од тебе; откако дојдоа во Ерусалим имаат желба повторно да го изградат одметничкиот и опак град; подигаат ѕидови, а основите веќе ги поставија. 13Царот нека знае: ако биде изграден овој град и ѕидовите подигнати, не ќе се плака веќе данок, ни порез, ни царина, и овој град ќе ѝ биде на штета на царската благајна. 14Бидејќи јадеме дворска сол, не ни прилега да го гледаме овој срам нанесен на царот. И така, затоа го известуваме царот: 15нека бидат преземени истражувања во летописите на твоите татковци: во тие летописи ќе најдеш и ќе утврдиш дека овој град е одметнички град, несреќен за царевите и покраините и дека во него беа кревани буни од памтивека. Затоа беше разурнат овој град. 16Го известуваме царот дека нема да биде твое подрачјето преку Реката, ако овој град биде повторно изграден и ѕидовите подигнати!“ 17Царот го испрати овој одговор: „До управителот Реум, до тајникот Симсај и до другите нивни другари, кои престојуваат во Самарија и на друго место, оттаде Реката - мир! Еве, 18поднесокот што ми го испративте беше прочитан пред мене во неговиот превод. 19По моја наредба беа преземени истражувања и утврдија дека тој град се кревал од памтивека против царевите и дека во него се збиднуваа востанија и буни. 20И силни цареви царуваа во Ерусалим, кои господареа со сѐ од онаа страна на Реката: ним им беа плаќани данокот, порезот и царината. 21И така, заповедајте да биде прекратен потфатот на оние луѓе: тој град не ќе се ѕида додека не одлучам јас за тоа. 22Пазете се од секаков пропуст во постапката, за да не порасте злото за штета на царевите.“
23Откако преписот на одговорот на царот Артаксеркс беше прочитан пред управителот Реум, писарот Симсај и пред нивните другари, тие отидоа брзо во Ерусалим кај Јудејците та им ги забранија со вооружена сила работите. 24Така беа прекратени работите околу градењето на Божјиот Дом во Ерусалим. Беа прекратени сѐ до втората година на царувањето на Дариј, персискиот цар.

Селектирано:

ЕЗРА 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се