Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗЕКИЕЛ 14

14
3. Идолопоклонство на Израелеви старешини
а. Корење за лицемерство
1Потоа дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини и седнаа пред мене. 2И ми дојде Господовото слово: 3“Човечки сине! Тие луѓе ги носат идолите во срцето и ги насочуваат очите во она што ги поттикнува на грев. Па зар да трпам да бараат совет во Мене? 4Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „На секој од Израелевиот дом кој носи идоли во срцето и ги насочува очите во она што ги поттикнува на грев, а доаѓа кај пророкот, Јас, Господ, ќе му одговорам според мноштвото на неговите идоли, 5за да го фатам за срце Израелевиот дом што се одметна од Мене заради своите идоли.“‘
б. Повик кон покајување и обратување
6Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Обратете се, одвратете се од своите идоли! Одвратете го лицето од своите гнасности! 7Зашто секому од Израелевиот дом и од придојдениците што се населија во Израел, кој ќе се одметне од Мене и кој ги носи идолите во срцето и ги насочува очите во она што го поттикнува на грев, па и покрај тоа дојде при пророкот да преку него бара совет од Мене, нему Јас Самиот, Господ ќе му одговорам; 8ќе се свртам против него и ќе направам од него знак и пословица; ќе го откорнам од Својот народ! И ќе знаете дека Јас Сум Господ. 9Ако пророкот остави да биде заведен и да проговори тоа ќе биде како Јас самиот, Господ, да го заведов тој пророк: ќе ја подигнам раката на него и ќе го откорнам од Својот Израелев народ. 10Двајцата еднакво ќе го носат својот грев: гревот на пророкот еднаков е на гревот на оној што побарал совет од него. 11И така Израелевиот дом веќе не ќе се одметнува од Мене и не ќе се валка веќе со своите беззаконија: тој ќе биде Мој народ, а Јас ќе бидам негов Бог - говори Господ, Бог.’“
в. Лична одговорност
12И ми дојде Господовото слово: 13“Човечки сине, ако згреши некоја земја против Мене со невера, и Јас ја кренам раката против неа, та ѝ ја уништам и последната поткрепа во леб, и ако пуштам глад на неа за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот; 14ако останат во неа само тројца луѓе - Ное, Даниел и Јов - тие ќе се спасат со својата праведност - говори Господ Бог. 15Исто така, ако против таа земја пуштам диви ѕверови, за да ѝ ги уништат децата, а неа ја претворат во пустина, низ која никој не ќе се осмели веќе да помине заради ѕверовите; 16ако во неа останат само тие тројца луѓе, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси, а нивната земја ќе стане вистинска пустина. 17Или, ако Јас го истргам мечот против таа земја велејќи: ‘Мечу, помини низ оваа земја!’ за да ги истребам во неа сите луѓе и добитокот, 18а ако во неа се најдат оние тројца луѓе, животот Ми Мој - говори Господ Бог, тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси. 19Или, ако Јас испратам помор против таа земја, та излеам врз неа гнев и колеж, за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот, 20а во неа останат само оние тројца луѓе, Ное, Даниел и Јов, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси со својата праведност.“
21Господ Бог зборува вака: „Сепак, ако ги пуштам против Ерусалим сите свои четири тешки казни - мечот, гладот, дивите ѕверови и поморот - за да ги затрам во него сите луѓе и стоката, 22во него сепак ќе преживее Остатокот, кој ќе ги спаси синовите и ќерките. И еве, тие ќе дојдат кај вас за да го видите нивното поведение и нивните дела и да се утешите, зашто ќе познаете: што и да презедов против Ерусалим, не го направив без причина. 23Да, кога ќе го видите нивното поведение и нивните дела ќе се утешите, зашто ќе познаете не направив без причина што и да презедов против Ерусалим - зборува Господ Бог.“

Селектирано:

ЕЗЕКИЕЛ 14: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се