Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 9

9
Помор
1Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот и речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, порачува вака: „Пушти го Мојот народ да замине и да ми искаже почитување. 2Ако не го пуштиш, туку го задржуваш и натаму, 3Господовата рака ќе удри со страшен помор по твојот добиток што е во полето: по коњите, ослињата, камилите, по крупниот и ситниот добиток. 4Господ ќе го разликува добитокот на Израелците од добитокот на Египетците, така што нема да настрада ништо што им припаѓа на Израелците.“‘„ 5Господ го одреди и времето, велејќи: „Утре, Господ ќе го направи ова во земјата.“ 6Утреден Господ така и направи. Сиот добиток на Египетците изумре, а од добитокот на Израелците не изумре ниту едно грло. 7Фараонот истражуваше и се увери дека од израелскиот добиток не изумре ниту едно грло. Ама фараоновото срце сепак се закорави, и не го пушти народот.
Чирови
8Господ им рече на Мојсеја и Арона: „Земете полни грстови пепел од печката, па Мојсеј нека ја фрли, пред фараоновите очи, кон небото. 9Од тоа ќе стане ситен прав по сета Египетска Земја, и ќе предизвика отоци и ќе создаде чирови и на луѓето и на животните, од едниот до другиот крај на Египет.“ 10Така тие зедоа пепел од печката и дојдоа пред фараонот. Тогаш Мојсеј ја расфрли пепелта кон небото, и отоците и чировите ги покрија луѓето и животните. 11Ни волшебниците не можеа да се појават пред Мојсеја, зашто и вражалците, како и сите други Египетци, беа покриени со чирови. 12Ама Господ го закорави срцето на фараонот, па тој не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и му рече на Мојсеја.
Град
13Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Порани наутро, излези пред фараонот и речи му: ‘Господ, Бог на Евреите, порачува вака: „Пушти го народот да замине и да ми искаже почитување. 14Ако не го пуштиш, сите свои зла ќе ги навалам овој пат врз тебе, врз твоите службеници и врз твојот народ, така да сознаеш дека нема никој, на целата земја, каков што Сум Јас. 15Да ја спуштев Својата рака и да ве удрев со помор, тебе и твојот народ, ќе ве снемаше од земјата. 16Те поштедив за да ја покажам Својата сила и за да се објави Моето име по целата земја. 17Ама ти се воздигнуваш премногу над Мојот народ и му пречиш да замине. 18Утре, во ова доба, ќе пуштам толку страшен град, каков немаше во Египет од кога е создаден до денес. 19Затоа нареди да го дотераат под покрив твојот добиток и сѐ што е надвор, на отворено. Сѐ што ќе се најде надвор во полето, било човек било животинче, ќе загине кога градот ќе запаѓа врз нив, ако не бидат воведени внатре.“‘„ 20Фараоновите службеници, кои се уплашија од Господовиот говор, ги дотераа внатре своите слуги и својот добиток. 21Тие што не се грижеа за Господовата закана ги оставија надвор и своите слуги и добитокот.
22Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката кон небото да удри град по целата Египетска Земја: врз луѓето, животните и врз сите растенија во Египетската Земја.“ 23Мојсеј го крена стапот кон небото. Господ загрми и пушти град, и молњите ги здружи со земјата. Господ туруваше град по земјата на Египетците; 24Градот биеше, низ него секавици параа. Таква стравотија не се нафрли врз Египетската Земја, откако имаше луѓе во неа. 25Градот изби, низ сиот Египет, сѐ што остана надвор, луѓе и животни; ги уништи сите растенија по полето и ги искрши сите полски дрва. 26Немаше град само во Гесенскиот Крај, каде што живееја Израелците. 27Фараонот испрати по Мојсеја и Арона и им рече: „Признавам дека сум виновен овој пат. Господ има право, а јас и мојот народ сме виновни. 28Молете Го Господа да ги запре громовите и градот, а јас ќе ве пуштам да отидете. Не ќе останете веќе долго.“ 29„Кога ќе излезам од градот - му рече Мојсеј - ќе ја кренам раката кон Господа, па ќе прекратат громовите, а ни град не ќе има веќе, така да знаеш дека земјата Му припаѓа на Господа. 30Но ни ти ни твоите дворјани, јас знам, уште не се боите од Господа Бога.“ 31И така пропаднаа ленот и јачменот: зашто јачменот беше во клас, а ленот во цвет. 32Пченицата и ’ржта не настрадаа, зашто беа подоцнежни жита. 33Откако си отиде од кај фараонот, Мојсеј излезе од градот и ги крена рацете кон Господа. Грмежите и градот прекратија, а ни дождот веќе не паѓаше на земјата. 34Кога фараонот виде дека прекратија грмежите, градот и дождот, пак падна во грев: и тој и неговите службеници пак се закоравија во срцето. 35Се закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците, како што Господ и прорече преку Мојсеја.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се