Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 10

10
Скакулци
1Господ му рече на Мојсеја: „Оди при фараонот. Направив да им закорави срцето нему и на неговите службеници, за да ги извршам своите знаци меѓу нив; 2за да можеш да му раскажуваш на својот син и на својот внук што им направив на Египетците и какви знаци правев меѓу нив, за да знаете дека Јас Сум Господ.“ 3Така Мојсеј и Арон отидоа при фараонот и му рекоа: „Господ, Бог на Евреите, порачува вака: ‘До кога ќе одбиваш да се понизиш пред Мене? Пушти го Мојот народ да ми искаже почитување. 4Зашто ако не го пуштиш Мојот народ, утре ќе доведам скакулци во твојата земја. 5Така ќе ја покријат површината, што земјата нема да се гледа од нив. Ќе го изедат она што ви остана по градот; и ќе ви ги оголат сите дрва што растат по полето. 6Ќе го исполнам целиот твој дворец, и куќите на твоите службеници и домовите на сите други Египетци - нешто што не видоа ни твоите татковци ни татковците на твоите татковци во оваа земја, од своите времиња до денес.’“ Се заврти и си отиде од кај фараонот. 7„До кога овој човек ќе ни биде стапица - му рекоа на фараонот неговите службеници. Пуштете ги луѓето нека заминат и нека Му искажат почитување на Господа, својот Бог! Зар не гледаш како Египет се движи упорно во пропаст.“ 8Ги доведоа назад Мојсеја и Арона при фараонот, а тој им рече: „Одете! Искажете Му почитување на Господа, својот Бог! А кој сѐ ќе оди?“ 9„Сите одиме - одговори Мојсеј - и младо и старо. Заминуваме со своите синови и своите ќерки; со својот крупен и ситен добиток, зашто треба да Му одржиме свеченост на Господа.“ 10„Господ да биде со вас, исто колку и јас што ќе ве пуштам да тргнат со вас и децата! - им одговори. Се гледа дека вашата намера не е чиста. 11Не така! Туку нека заминат мажите и нека Му искажат почитување на Господа. Тоа и баравте.“ И ги истераа од кај фараонот. 12Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Протегни ја својата рака врз Египетската Земја за да надојдат скакулци во Египетската Земја и да ги изедат сите растенија, што останаа по градот!“ 13Така Мојсеј го крена стапот врз Египетската Земја, а Господ го наврати источниот ветер на земјата: дуваше тој цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветерот ги донесе скакулците. 14Тие се разлетаа во сите краишта на Египет во голема густина: толкаво мноштво никогаш не ги било пред тоа, ниту пак некогаш ќе ги биде. 15Ја покрија целата земја, така што се зацрнеа од нив. Ги изедоа растенијата во полето и сите плодни дрва што останаа по градот. Повеќе ништо не се зеленееше: ни дрвата, ниту полската трева во целиот Египет. 16Фараонот ги повика брзо Мојсеја и Арона па им рече: „Згрешив против Господа, вашиот Бог, и против вас! 17Простете ми ја навредата уште само овој пат и молете Го Господа, својот Бог, само да го отстрани од мене овој смртоносен бич!“ 18Кога Мојсеј си отиде од кај фараонот, го повикаа Господа, 19и Господ го смени ветерот во силен западник, што ги потфати скакулците и ги однесе кон Црвеното Море. Ниту еден единствен скакулец не остана, ниту во кој и да е крај на Египет. 20Ама Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците.
Темнина
21„Испружи ја раката кон небото - Господ му рече на Мојсеја - па нека се спушти темнина над Египетската Земја, темнина што ќе може да се опипа.“ 22Мојсеј ја протегна раката кон небото, и се спушти густа темнина на сета Египетска Земја: траеше три дни. 23Три дни луѓето не можеа да се видат еден-друг, и никој не се помрдна од своето место. А во местата каде што живееја Израелците блескаше светлина. 24Тогаш фараонот го повика Мојсеја и му рече: „Оди и искажи Му почитување на Господа! Ама вашиот добиток, крупниот и ситниот, нека остане тука. Вашите деца нека дојдат со вас!“ 25„Ти треба самиот да нѐ снабдиш со придонеси и со жртви паленици, што ќе Му ги принесеме на Господа, својот Бог - одговори Мојсеј. 26Затоа ќе ги спотераме со нас и своите стада. Ни дел од копитце не ќе остане тука. Од нив треба да избереме за жртвување на Господа, нашиот Бог, а не знаеме, додека не стигнеме таму, што треба да Му принесеме на Господа.“ 27Господ го закорави срцето на фараонот и тој не се согласи да заминат. 28„Оди си! - му викна фараонот на Мојсеја. И да не ми излегуваш повеќе пред очите! Оној ден кога ќе ми се јавиш пак пред очите, ќе загинеш!“ 29„Добро рече! - му одговори Мојсеј. Не ќе го видам веќе твоето лице!“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се