ИЗЛЕЗ 7
7
1Господ му одговори на Мојсеја: „Гледај! Ќе те наметнам како Бог на фараонот; твојот брат Арон ќе биде твој пророк. 2Ти кажувај сѐ што ќе ти наредам, а твојот брат Арон нека му повтори на фараонот да ги пушти Израелците па да заминат од неговата земја. 3Јас ќе направам да закорави срцето на фараонот, и ќе ги умножам знаците и чудесата во Египетската Земја. 4Бидејќи фараонот не ќе послуша, Јас ќе ја ставам Својата рака на Египет: казнувајќи страшно, ќе ги избавам Своите чети, Својот народ, Израелците, од Египетската Земја. 5Кога ќе ја протегнам Својата рака на Египет и ги изведам Израелците од нивната средина, тогаш Египетците ќе сознаат дека Јас Сум Господ.“ 6Мојсеј и Арон послушаа: токму така направија, како што им заповеда Господ. 7Мојсеј беше на осумдесет, а Арон на осумдесет и три години, кога му ги поставија на фараонот своите барања.
Мојсеевите чуда и знаци.
8Уште Господ им прирече на Мојсеја и Арона: 9„Кога фараонот побара од вас да направите некакво чудо, ти речи му на Арона да го земе својот стап и да го фрли пред фараонот, и стапот ќе се претвори во змија.“ 10Мојсеј и Арон дојдоа пред фараонот и направија како што им заповеда Господ. Арон го фрли, пред фараонот и пред неговите службеници, својот стап, и се претвори во змија. 11Фараонот ги повика мудреците и вражалците. И навистина египетските вражалци со своето вражање направија исто: 12секој го фрли својот стап, и се претвори во змија. Но Ароновиот стап ги голтна нивните стапови. 13Фараонот беше со закоравено срце: не сакаше да ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече.
Вода се претворува во крв
14Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Фараоновото срце е закоравено; одбива да го пушти народот. 15Наутро тргни кон фараонот. Кога ќе излезе при водата, застани пред него на брегот на Реката. Земи го во раката стапот, што беше претворен во змија. 16Кажи му: ‘Господ, Бог на Евреите, ме испрати при тебе со порака да го пуштиш Мојот народ, за да ми искаже почитување во пустината. Ама сѐ досега ти не послуша.’ 17Господ порачува вака: ‘Со ова ќе сознаеш дека Јас Сум Господ.’ Гледај! Со стапот што го имам во раката ќе ја удрам водата во Реката, и ќе се претвори во крв. 18Рибите ќе пцовисаат во Реката; Реката ќе засмрди и ќе се гнасат Египетците да пијат вода од Реката.’“ 19Уште Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона да го земе својот стап и да ја протегне својата рака врз египетските води: врз нивните реки, нивните потоци, нивните езерца, врз сите нивни водени собиралишта, да се претворат во крв; нека е крв низ сета Египетска Земја; па и во дрвените и камените садови.“
20Мојсеј и Арон направија како што им заповеда Господ. Арон го крена својот стап и пред очите на фараонот и неговите службеници удри по водата во Реката. Сета вода во реката се претвори во крв. 21Рибите пцовисаа во Реката; Реката засмрди, така што Египетците не можеа да пијат вода од Реката; крв имаше низ целата Египетска Земја. 22Но египетските волшебници со своите волшебствувања направија исто. Така фараонот остана со закоравено срце: не сакаше да ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и кажа. 23Фараонот се заврте и си отиде во својот дворец, не земајќи го ни тоа на срце. 24Сите Египетци почнаа да копаат околу Реката барајќи пивка вода, зашто не можеа да пијат вода од Реката. 25И поминаа седум дни откако Господ удри по Реката.
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 7: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.