ИЗЛЕЗ 37
37
Ковчег на Заветот
1Веселеил направи Ковчег од багремово дрво, долг два ипол лакти, широк лакот ипол, а висок лакот ипол. 2Одвнатре и однадвор го опкова со чисто злато. Наоколу му направи златен завршен појас. 3И му одлеа четири колца на неговите четири агли: две колца од едната страна, а две колца на неговата друга страна. 4Направи и ластегарки од багремово дрво и ги опкова со злато; 5потоа ги провлече ластегарките низ колцата на Ковчегот од страна, за носење на Ковчегот. 6Потоа направи Очистилиште од чисто злато, долго два ипол лакти, а широко лакот ипол. 7Направи и два херувима од ковано злато, на двата краја на Очистилиштето: 8еден херувим на едниот крај, а другиот херувим на другиот крај. Херувимите на двата краја ги направи од еден дел со Очистилиштето. 9Херувимите имаа издигнати и раширени крилја, го засолнуваа со нив Очистилиштето. Беа свртени со лицето еден кон друг, така што нивните лица им гледаа во Очистилиштето.
10Направи стол од багремово дрво, долг два лакти, широк еден лакот, а висок лакот ипол. 11Го опкова со чисто злато и му направи раб од злато наоколу, завршен појас. 12И му направи раб наоколу, широк една дланка. А за работ наоколу направи завршен златен појас. 13Му излеа четири златни колца. Потоа ги прицврсти колцата за четирите негови ножни агли. 14Колцата беа непосредно под работ, како рачки за ластегарките, за да може столот да се носи. 15Ластегарките за носење на столот ги направи од багремово дрво и ги опкова со злато. 16А приборот што беше држан на столот - неговите чинии, кадилници, врчви и чаши за излевање на приносот - ги направи од чисто злато.
Златен светилник
17Направи и светилник од чисто злато. Го искова светилникот - неговото подножје и стеблото. Неговите чаши - чашки и цветови - беа од еден дел со нив. 18Шест гранки излегуваа од неговите страни: три гранки на светилникот од едната страна, а три гранки на светилникот од другата страна. 19На едната гранка беа три чаши во облик на бадемов цвет, секоја со својата чашка и цвет. Така беше на сите шест гранки што излегуваа од светилникот. 20На самиот светилник имаше четири чаши во облик на бадемов цвет, секоја со чашка и цвет: 21чашка, во еден дел со него, под првите две гранки; па конечно чашка, во еден дел со него, под двете задни гранки. Така на сите шест гранки што излегуваа од него. 22Нивните чашки и нивните петелки беа во еден дел со него; сѐ тоа од чисто ковано злато. 23А од чисто злато му направи и седум светилки, штипки и пепелници. 24Светилникот и целиот негов прибор ги направи од еден талант чисто злато.
25Кадилниот жртвеник го направи од багремово дрво, долг еден лакот, широк лакот - четвртест - а висок два лакта. Неговите рожиња беа во еден дел со него. 26Ги опкова со чисто злато одозгора, страните наоколу и неговите рожиња. Му направи завршен венец наоколу од злато. 27На него направи и две златни колца на спротивните страни, под завршниот венец, да им служат на ластегарките за рачки, кога се носи на нив. 28Ги направи ластегарките од багремово дрво па ги опкова со злато.
29Тогаш приготви посветено масло за помазание и за чисто мирисливо кадење, онака како што ги прави мироварецот.
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 37: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.