ИЗЛЕЗ 32
32
Арон прави златно теле
1А народот, гледајќи дека Мојсеј не слегува долго од гората, се собра околу Арона и му рече: „Стани! Направи ни бог, па нека оди тој пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нѐ изведе од Египетската Земја.“ 2„Извадете ги златните обетки што висат на ушите на вашите жени, вашите синови и вашите ќерки - им одговори Арон - па донесете ми ги мене.“ 3Сиот народ ги симна златните обетки, што ги имаше на ушите и му ги донесоа на Арона. 4Откако го прими златото од нивните раце, го растопи во калапи и направи леано теле. А тие извикаа: „Ова е твојот бог Израеле, кој те изведе од Египетската Земја.“ 5Откако го виде тоа, Арон изгради жртвеник пред него, а потоа најави: „Утре нека биде приредена свеченост во чест на Господа!“ 6Рано наутро станаа и принесоа жртви паленици и донесоа помирителни жртви. Тогаш народот седна да јаде и да пие. Потоа станаа за да играат.
Мојсеј се застапува за народот
7„Побрзај долу! - му проговори Господ на Мојсеја. - Твојот народ, што го изведе од Египетската Земја, тргна наопаку. 8Бргу се отстранија од патот што им го одредив. Си направија теле од излеан метал; паднаа ничкум пред него и му принесоа жртви, викајќи: ‘Ова е твојот бог, Израеле, кој те изведе од Египетската Земја!’ 9Гледам добро - му рече натаму Господ на Мојсеја - дека овој народ е со корав врат. 10Сега пушти да се распали Мојот гнев на нив за да ги истребам. Тогаш од тебе ќе развијам голем народ.“
11Мојсеј пак Му се помоли на Господа, својот Бог, и велеше: „О Господи! Зошто да пламнеш со гнев на Својот народ, што го избави од Египетската Земја со голема сила и со цврста рака! 12Зошто треба да речат Египетците: ‘Со зла намера ги одведе, за да ги погуби во планините и да ги избрише од лицето на земјата!’ Смири ги Својот гнев и лутината; откажи се од злото за Својот народ! 13Спомни си за Авраама, Исака и Израела, за своите слуги, на кои им се заколна Сам во Себе си и им вети: ‘Ќе го размножам вашето потомство како ѕвездите на небото и сета оваа земја што ја ветив ќе му ја дадам на вашето потомство, и таа ќе биде нивно наследство засекогаш.’“ 14И Господ се одрече да навали на Својот народ несреќа, со која му се закани.
Мојсеј го уништува телето и ги крши плочите
15Мојсеј се заврте и слезе од гората. Во рацете му беа двете плочи на Сведоштвото, плочи напишани на двете свои рамнини; напишани и од едната и од другата страна; 16Плочите беа Божјо дело; писмото беше Божјо писмо врежано на плочите. 17А Исус ја чу викотницата на народот што викаше, па му рече на Мојсеја: „Бојна викотница во логорот!“ 18Мојсеј му одговори: „Ниту викаат победници, Ниту тажат победените: Но јас слушам само песна.“ 19Штом се приближи до логорот па го забележа телето и како играат, Мојсеј се разгневи. Ги фрли од рацете плочите и ги скрши во подножјето на планината. 20Го грабна телето, што го беа направиле, го изгоре во оган и иситни во прав. Тогаш го расфрла правот по водата и ги натера Израелците да ја пијат. 21„Што ти направи овој народ - му рече Мојсеј на Арона - па им навлече толку голем грев?“ 22„Нека не се распалува со гнев мојот господар - одговори Арон. Самиот знаеш добро дека овој народ е наклонет кон злото. 23Ми рекоа: ‘Направи ни бог, па нека оди пред нас! Не знаеме што се случи со тој човек Мојсеј, кој нѐ избави од Египетската Земја.’ 24Тогаш јас им реков: ‘Кој има злато, нека го симне!’ Така ми го дадоа, а јас го фрлив во оган, па излезе ова теле.“
Казнување на виновниците
25Кога Мојсеј виде дека народот стана разуздан - па Арон ги пушти да паднат во идолопоклонство меѓу своите непријатели - 26застана при вратата на логорот и извика: „Кој е за Господа, при мене!“ Сите Левиеви синови се собраа околу него. 27Тој им рече: „Господ, Бог на Израел, зборува вака: ‘Нека секој го припаше мечот до бедрото и нека тргне низ логорот од врата до врата, па некој нека го убие брата си, некој својот пријател, некој својот сосед.’“ 28Левиевите синови го извршија Мојсеевиот налог, и во тој ден паднаа околу три илјади луѓе од народот. 29„Денес му се посветивте на служба на Господа - рече Мојсеј - некој по цена на својот син, некој по цена на својот брат, така што денес ви дава благослов.“
Второ застапување на Мојсеј
30Утреден Мојсеј му рече на народот: „Тежок грев сторивте. Сепак ќе се искачам при Господа. Можеби ќе добијам прошка за вашиот грев.“ 31Мојсеј се врати при Господа па рече: „Леле! Оној народ стори тежок грев, правејќи си бог од злато. 32Сепак прости им го гревот. Ако не сакаш, тогаш избриши ме и мене од Својата книга, која ја напиша.“ 33Тогаш Господ му одговори на Мојсеја: „Оној кој згрешил против Мене, ќе го избришам од Мојата книга. 34Туку, сега оди! Поведи го народот каде што ти реков. Мојот ангел ќе врви пред тебе. Но во денот кога ќе ги посетам, ќе ги казнам заради нивниот грев.“ 35Господ удри со помор на народот заради телето што им го направи Арон.
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 32: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.