Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 30

30
1„Направи и жртвеник за палење на темјан; направи го од багремово дрво. 2Нека биде долг лакот, широк лакот, четвртест, и висок два лакта. Рожињата нека му бидат од едно парче со него. 3Да ги опковеш со чисто злато: неговата горна рамнина, неговите страни наоколу и неговите рожиња. Направи му завршен појас наоколу. 4Направи му и две златни колца. Прицврсти му ги на двете спротивни страни под завршниот појас. Низ нив ќе се провнуваат ластегарките за носење. 5Ластегарките направи ги од багремово дрво и опкови ги со злато. 6Постави го жртвеникот пред завесата што го засолнува Ковчегот на Сведоштвото - спроти Очистилиштето (Капак) над Сведоштвото - каде што Јас ќе се среќавам со тебе. 7Арон нека кади врз него со благомирислив темјан секое утро кога ги подготвува светилките: 8Арон нека кади пак во примрак, кога ги запалува светилките, за да биде тоа секогашно кадилно принесување пред Господа во сите ваши поколенија. 9Не принесувај врз него ни непосветен темјан, ни паленици, ни приносници, ниту излевници! 10Еднаш годишно Арон нека го изврши обредот на помирување на неговите рожиња. Обредот за помирување на жртвеникот нека го изврши со крвта на жртвата што се принесува за грев, еднаш годишно. Така правете во сите поколенија. Зашто жртвеникот е пресвета светина на Господа.“
Приноси на Господа
11Натаму Господ му рече на Мојсеја: 12„Кога ќе правиш попис на Израелците, при утврдувањето на нивниот вкупен број, нека секој Му даде на Господа откуп за себе, кога ќе се запише, за да не ги снајде некакво зло заради пребројувањето. 13Секој што потпаѓа под пребројувањето, нека даде: половина сикал - според храмскиот сикал, што има дваесет гери во сикал. Таа половина сикал нека биде како принос на Господа. 14Секој што потпаѓа под пребројувањето, од дваесет години возраст па нагоре, нека Му даде принос на Господа. 15Богатиот нека не плаќа повеќе ниту сиромавиот помалку од половина сикал, кога ќе Му даваат принос на Господа како откуп за себе. 16Земај откупни сребреници од Израелците и употребувај ги за служба во Шаторот на средбата. Тоа нека Му биде за спомен на Господа, за да си спомнува за Израелците и за откуп на вашите души.“
Бронзен мијалник
17Господ му рече на Мојсеја: 18„Направи мијалник од бронза и подножје од бронза за миење. Постави го меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот. Тури вода во него, 19па Арон и неговите синови нека ги мијат своите раце и нозе со водата од него. 20Кога треба да влегуваат во Шаторот на средбата, или кога треба да се приближуваат до жртвеникот за служба, за да изгоруваат жртви паленици во чест на Господа, нека се измијат со вода, за да не загинат. 21Нека ги измијат своите раце и своите нозе, за да ја избегнат смртта: тоа е траен правилник за него и за неговите потомци во сите поколенија.“
Посветено масло за помазание
22Уште му рече Господ на Мојсеја: 23„Набави најубави мириси: пет стотини сикали најчиста смирна, половина од таа тежина - двеста и педесет - мирислив цимет, двеста и педесет мирислива трска, 24пет стотини - според храмскиот сикал - ловор и еден ин маслиново масло. 25Направи од тоа посветено масло за помазание; маст приготвена според искуството на мироварач. Тоа нека биде миро за помазание. 26Потоа помажи го со тоа: Шаторот на средбата и Ковчегот на Сведоштвото, 27столот и сиот негов прибор; светилникот и сиот негов прибор, и кадилниот жртвеник; 28жртвеникот за жртви паленици и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка: 29посвети ги, и тие така ќе станат посветени, и што и да се допре до нив, ќе стане посветено. 30Помажи ги Арона и неговите синови и посвети Ми ги Мене за свештеници. 31Тогаш речи им на Израелците вака: ‘Ова е Мое свето миро за помазание од поколение до поколение. 32Не смее да се излева врз телото на обичниот човек; не смеете да правите друго со ваков состав! Тоа е посветено, и нека ви биде свето! 33Кој направи такво, или кој ќе стави од него врз туѓинец, нека биде отстранет од својот народ!’“
34Уште му рече Господ на Мојсеја: „Набави мириси: стакта, оникс и халван. Од овие мириси и од чист темјан, 35сѐ во еднакви делови, направи темјан за кадење, смеса од мириси каква што прави мирисоправачот, измиена, чиста, света. 36Од тоа столчи малку на ситно во прав и еден дел стави пред Сведоштвото, во Шаторот на средбата, каде што Јас ќе се среќавам со тебе. Сметајте го овој темјан за пресвет! 37А темјанот што ќе го направиш според овој состав, не смеете да го правите за своја употреба. Тоа нека ти биде светина за Господа! 38Кој ќе си направи нешто такво за да му мириса, нека биде истребен од својот народ.“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 30: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност