Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 28

28
Облеки за свештеници
1„А потоа доведи го при себе, од меѓу Израелците, твојот брат Арон заедно со неговите синови: Надав, Авиуд, Елеазар и Итамар, за да Ми служат како свештеници. 2Направи му на својот брат Арон света облека, за слава и за величественост. 3Обрни им се на сите вешти луѓе, кои ги надарив со мудрост, нека му направат облека на Арона, за да се посвети и за да ја врши свештеничката служба во Моја чест. 4Нека ја направат следнава облека: врзградник, наплеќник, наметка, кошула обрабена со реси, капа и појас; нека направат света облека за твојот брат Арон и за неговите синови, за да Ми служат како свештеници. 5Затоа тие нека примаат злато, љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен. 6Наплеќникот нека го направат од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен - вешто изработен. 7Нека има на него две прерамки, прицврстени за неговите краеви. 8Ткаенината што ќе биде на него, нека е направена како и него: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен, а нека составуваат со него едно парче. 9Потоа земи два бесценети камења - оникси и врежи ги во нив имињата на Израелевите синови: 10шест нивни имиња на еден камен, а другите шест имиња на другиот камен, според нивното раѓање. 11Како што копаничарот на скапоцениот камен ги врежува печатите врз прстените, така и ти врежи ги имињата на Израелевите синови. Околу нив навези златен раб, 12па прицврсти ги двата бесценети камења за прерамките на наплеќникот, за да бидат спомен скапоцени камења на Израелевите синови. Така, Арон нека ги носи нивните имиња на своите две рамени пред Господа, за да си спомнува за нив. 13Направи златни рамки 14и две веришки од чисто злато. Направи ги како засукани врвци и тогаш засуканите веришки прицврсти ги за рамките.“ 15„Изработи го уметнички врзградникот за судење: направи го тоа како и работата на наплеќникот: од злато, од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. 16Нека биде четвртест и двоен: должината нека му е една педа, а и широчината педа. 17На него нареди четири редови бесценети камења. Во првиот ред нека бидат: сард, топаз и смарагд; 18во вториот ред: антракс, сафир и адамант; 19во третиот ред: лигириј, агат и аметист; 20а во четвртиот ред: хрисолит, оникс и јаспис. Нека бидат вковани во златни рамки. 21Нека бидат дванаесет тие бесценети камења колку и имињата на Израелевите синови. Нека бидат врежани како и печатите врз прстењата, секој со името на едно од дванаесетте племиња. 22Направи за врзградникот веришки од чисто злато, засукани како врвци. 23Потоа направи за врзградникот две колца од злато и прицврсти ги за двата горни агла на врзградникот. 24Потоа врзи две златни врвци за тие две колца, што ќе бидат прицврстени за аглите на врзградникот. 25Другите два краја на врвците врзи ги за двете рамки. Сега прицврсти ги така за прерамките на наплеќникот однапред. 26Направи две колца од злато, па прицврсти ги за двата долни агла на врзградникот, покрај работ одвнатре, што е свртен кон наплеќникот. 27Направи уште две колца од злато и прицврсти ги за долниот преден крај на прерамките на наплеќникот, покрај неговиот раб врз ткаенината на наплеќникот. 28Нека се врзе врзградникот со своите колца со колцата на наплеќникот со сина трака, така што врзградникот да стои над ткаенината и да не може да се одделува од наплеќникот. 29Така Арон, кога и да влегува во Светилиштето, нека ги носи на своето срце, имињата на Израелевите синови на врзградникот за пресудување, за да ги повикува секогаш во спомен пред Господа. 30Нека бидат ставени во врзградникот за судење „Урим“ и „Тумим“, за да бидат и тие на Ароновото срце, кога ќе доаѓа пред Господа. Така Арон нека ја носи секогаш, на своето срце пред Господа, пресудата на Израелевите синови.“ 31„Наметката за наплеќникот направи ја сета од љубичесто предено. 32Отворот за главата на неа нека биде во средина. Работ околу отворот нека биде опточен како околувратникот на оклопот, така, за да не се скине наметката. 33На нејзиниот раб сѐ наоколу направи чипки од љубичесто, црвено и темноцрвено предено, а меѓу нив ѕвончиња од злато наоколу; 34златно ѕвонче па калинкин цвет, златно ѕвонче па калинкин цвет, околу наметката покрај работ. 35Нека ги носи Арон додека ја врши службата, за да се слуша кога ќе влегува во Светилиштето пред Господа и кога излегува; така нема да умре.“
36„Потоа направи една плоча од чисто злато и врежи врз неа, како што се врежува врз печатниот прстен: „Господова Светост.“ 37Врзи ја на капата со сина врвца, за да стои однапред на капата. 38Нека стои на Ароновото чело. Така Арон нека ги преземе врз себе недостатоците, што би могле да ги извалкаат сите свети приноси што Израелците ги посветуваат. Нека стои секогаш на неговото чело, за да придобива за нив Господова благонаклонетост. 39Кошулата со реси направи ја од лен, од лен направи ја и капата, а појасот извези го со вез.
40И за Ароновите синови направи облеки, појаси и капи, ним за чест и слава! 41Облечи ги во нив твојот брат Арон и неговите синови; тогаш помажи ги, посвети ги и освети ги, за да Ми служат како свештеници. 42Направи за нив гаќи од лен, за да им го покријат голото тело. Нека стигаат од крстот до дното на бедрата. 43Арон и неговите синови нека ги носат кога влегуваат во Шаторот на средбата или кога се приближуваат до жртвеникот за службата во Светилиштето, за да не навлечат врз себе вина и да умрат. Тоа нека биде вечна наредба за него и за неговото потомство по него.“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 28: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се