Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 26

26
Шатор
1„Шаторот направи го од десет завеси: од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. На нив нека бидат извезени ликови на херувими - дело на уметник. 2Должината на секоја завеса нека е дваесет и осум лакти, широчината нека ѝ е четири лакти. Сите завеси нека се со иста мерка. 3Пет завеси нека се составени една со друга, а другите пет завеси пак една со друга. 4Направи петелки од љубичеста волна при работ на крајната завеса во составеното парче. 5Направи педесет петелки на работ на другата. 6Тогаш направи педесет златни куки. Потоа завесите да бидат составени една со друга со куките. Така Шаторот ќе биде една целина. 7Направи потоа завеси од козина за Шатор, за Покрив на Шаторот. Направи ги единаесет. 8Нека должината на секоја завеса биде триесет лакти, а широчината на секоја завеса четири лакти. Тие единаесет завеси нека бидат со иста мерка. 9Состави пет завеси одделно, а тогаш пак другите шест завеси одделно. Шестата завеса свиткај ја во две на предниот дел на Шаторот. 10Сошиј педесет петелки на работ на едното составено парче на завесата, а педесет куки на работ на другото.
11Изработи педесет куки од бронза, закачи ги куките во петелките, за да го составиш Покривот во целина. 12А бидејќи од завесите на Шаторот ќе остане вишок, половина од завесите што се вишок нека се спушта на задниот дел на Шаторот. 13Од она што е отповеќе во должината на шаторските завеси, нека виси по еден лакот од двете страни на светиот Шатор, за да го покрива. 14Најпосле направи му на Шаторот покрив од приготвени и со црвено обоени овновски кожи, а врз него покрив од убави кожи. 15Даските за Шаторот, што ќе стојат исправени нагоре, направи ги од багремово дрво. 16Секоја даска нека биде долга десет лакти, а широка лакот ипол. 17Секоја даска нека има два клина, за да ја држат исправена. Така направи на секоја даска за Шаторот. 18Даските за Шаторот постави ги: дваесет даски на југ, кон пладне; 19тогаш под дваесетте даски направи четириесет подножја од сребро, две подножја под првата даска за нејзините два клина, и така редум, две подножја за два клина на секоја идна даска. 20За другата страна на Шаторот, на север: дваесет даски 21и четириесет сребрени подножја, две подножја за два клина на првата даска, и така редум, две подножја за секоја даска. 22На задната страна на Шаторот на запад, постави шест даски. 23Направи и даски за задните агли на Шаторот. 24Нека бидат разделени при дното, ама на врвот кај првото колце нека бидат составени. Нека така двете прават два агли. 25И така нека бидат осум даски со нивните сребрени подножја: шеснаесет подножја, две подножја под првата даска, а пак две подножја под секоја следна даска. 26Натаму направи лостови од багремово дрво: пет од нив за даските од едната страна на Шаторот, 27а пет лостови од другата страна на Шаторот; тогаш пет лостови за даските на Шаторот од одназад, кон запад. 28Средниот лост нека врви по средината на даските од едниот крај до другиот. 29Даските да ги опковеш во злато, а и колцата за нив, низ кои ќе се провлечуваат лостовите, направи ги од злато. 30Значи така, издигни го Шаторот според нацртот што ти беше покажан на гората.
Завеса
31Направи завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен. Нека се навезени херувими врз неа. 32Обеси ја на четири столба од багремово дрво, обложено со злато, со куки од злато, а врз четири подножја од сребро. 33Обеси ја завесата на куките. Тогаш внеси го Ковчегот на сведоштвото тука зад завесата. Така завесата нека ти го одделува Светилиштето од Светилиштето над Светилиштата. 34Стави го Шаторот над Ковчегот на сведоштвото во Светината над светините. 35Потоа стави го столот надвор од пред завесата, а светилникот на јужната страна на Шаторот, спроти столот. Стави го столот на северната страна. 36А на влезот во Шаторот направи завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен - везана со вез. 37Изделкај пет столпчиња од багремово дрво за завесата, па опкови ги со злато. Куките за нив нека бидат од злато. Одлеј за нив пет подножја од бронза.“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 26: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се