Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 9

9
1„Слушај, Израелу! Денес преминуваш преку Јордан, за да потчиниш под себе: народи и поголеми и побројни отколку што си ти; големи градови, со тврдини до небесата; 2народ голем и со висок раст како Енаковите синови, кои веќе ги познаваш и за кои што си слушал: ‘Кој ќе устои пред Енаковците?’ 3И така, знај дека денес Господ, твојот Бог, врви пред тебе; Тој ќе ги собори, ќе ти ги потчини тебе. Тогаш ти ќе ги растераш и ќе ги погубиш скоро, како што Господ и ти рече. 4Откако ќе ги изгони пред тебе Господ, твојот Бог, немој да речеш во своето срце: ‘Господ ме воведе да ја завладеам оваа земја заради мојата праведност.’ Спротивно, заради нечесноста на оние народи Господ ги гони пред тебе. 5Ти не одиш да ја земеш во сопственост нивната земја заради својата праведност и заради чесноста на своето срце, туку затоа што Господ, твојот Бог, заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе, за да го одржи зборот со кој им се заколна на твоите татковци: Авраам, Исак и Јаков.“
Израелев грев: златно теле
6„И така, знај дека Господ, твојот Бог не ти ја дава оваа добра земја во наследство заради твојата праведност, зашто ти си народ со корав врат! 7Спомни си и не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа. 8На Хорив Го разгневивте Господа, и Господ така пламна на вас, што сакаше да ве уништи. 9Се искачив на гората за да ги примам камените плочи, плочите на Заветот што Господ го склучи со вас. На гората останав четириесет денови и четириесет ноќи: ниту јадев леб ниту пиев вода. 10И Господ ми даде две камени плочи, напишани со Божји прст, на кои беа сите зборови што ви ги кажа Господ од среде огнот на гората во денот на собирот. 11Кога поминаа четириесет денови и четириесет ноќи, Господ ми даде две камени плочи - плочи на Заветот. 12И Господ ми рече: ‘Стани! Слези итно оттука, зашто се расипа твојот народ, кого го изведе од Египет. Брзо слегоа од патот што им го означив: веќе си направија леан лик.’
13Уште Господ ми рече: ‘Го набљудував тој народ. Навистина тоа е коравовратен народ! 14Остави ме да ги уништам и да го избришам нивното име под небесата, а од тебе да направам народ и посилен и поброен отколку што е овој!’ 15Се свртив и слегов низ планина, а гората постојано пламтеше во оган. Двете плочи на Заветот ми беа во рацете. 16Погледнав: навистина згрешивте против Господа, својот Бог. Си одлеавте теле. Така бргу се отклонивте од патот што Господ ви го беше посочил. 17Ги грабнав двете плочи па ги фрлив од себе со двете раце - ги скршив плочите пред вашите очи. 18Тогаш се фрлив ничкум пред Господа. Четириесет денови и четириесет ноќи - како и порано - ниту јадев леб ниту пиев вода заради сите гревови што ги направивте, правејќи зло во очите на Господа и срдејќи Го. 19Зашто се боев од лутината и гневот со кои Господ пламна против вас за да ве сотре. Но Господ и тогаш ме послуша мене. 20И Господ се расрди силно на Арона, сакаше да го уништи. Тогаш се зазедов и за Арона. 21Вашиот грев, телето што го бевте направиле, го зедов и го изгорев во оган. Го иситнив во прав и неговиот прав го фрлив во потокот што тече од гората.“
22„Кај Тавера, кај Маса и Киврот Атава, Го разгневивте Господа. 23Кога Господ ве испраќаше од Кадис-Варниј, говорејќи: ‘Отидете и земете ја земјата што ви ја дадов,’ се побунивте против словото на Господа, својот Бог; не се надевавте во Него ниту го слушавте Неговиот глас. 24Му бевте непокорни на Господа откако ве познавам.“
25„Затоа паднав ничкум и лежев пред Господа четириесет денови и четириесет ноќи, зашто Господ беше рекол дека ќе ве уништи. 26Го молев Господа и реков: ‘Господи мој, Господи! Не уништувај го Својот народ, Своето наследство што го избави со Своето величие и што го изведе од Египет со силна рака. 27Спомни си за Своите слуги: Авраама, Исака и Јакова, а не се обѕрнувај на коравоста на овој народ, на неговата нечесност, на неговиот грев, 28за да не се рече во земјата од која што нѐ избави: „Господ не можеше да ги воведе во земјата што им ја вети, или ги замрази, па затоа ги одведе во пустината за да ги уништи.“ 29А тие се Твој народ, Твое наследство, оние кои ги изведе со Својата голема сила и со испружената мишка.’“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се