ВТОРОЗАКОНИЕ 8
8
Милости пројавени во пустина
1„Пазете ги и вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да живеете и за да се размножувате, и за да влезете и ја земете во сопственост земјата што Господ, со заклетва, им ја вети на вашите татковци. 2Спомнувај си за целиот пат по кој Господ, твојот Бог, те водеше низ пустината во овие четириесет години за да те смири, за да те испита и за да дознае што ти е во срцето: дали сакаш да ги држиш неговите заповеди или не сакаш. 3Те смируваше и те мореше со глад, а потоа те хранеше со мана, за која не знаевте ни ти ниту твоите татковци, за да ти покаже дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сѐ што излегува од Господовата уста. 4Твојата облека на тебе не се искина ниту нозете ти отечуваа во овие четириесет години. 5Тогаш признај во своето срце дека Господ, твојот Бог, те воспитува и те поправува како што човекот го воспитува својот син. 6И пази ги заповедите на Господа, својот Бог, одејќи по Неговите патишта и боејќи се од Него! 7Па Господ, твојот Бог, те води во добра земја: во земја на потоци и извори, на подземни води што извираат во долините и по бреговите; 8во земја на пченица и јачмен, на винови лози, на смокви и калинки, во земја на мед и маслинки; 9во земја во која нема да јадеш сиромашки леб, и каде ништо не ќе ти недостасува; во земја каде камењата имаат железо и каде ќе вадиш бакар од нејзините ридови. 10Ќе јадеш до наситка и ќе Го благословуваш Господа, својот Бог, заради добрата земја што ти ја даде.“
Претпазување од гордост
11„Внимавај да не Го заборавиш Господа, својот Бог, занемарувајќи ги Неговите заповеди, Неговите одредби и Неговите закони што ти ги давам денес. 12И откако ќе се најадеш до ситост, откако ќе изградиш убави куќи и ќе се населиш во нив; 13кога крупниот и ситниот добиток ќе ти се намножи; кога ќе насобереш сребро и злато, и кога сѐ твое ќе напредува, 14тогаш немој да се воздигне твоето срце и да Го заборавиш Господа, својот Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството; 15Кој те преведе низ онаа голема и страшна пустина, низ земјата на огнени змии и скорпии, низ сув и безводен крај; Кој ти извади вода од цврста карпа; 16Кој те хранеше во пустината со мана, непозната на твоите татковци, за да те смири и за да те испита па да бидеш среќен на крај. 17Тогаш не вели во своето срце: ‘Со својата моќ и со силата на своите раце го спечалив ова богатство.’ 18Спомни си за Господа, својот Бог! Па Тој ти даде сила да го спечалиш богатството, за да го исполни така - како денес - Својот Завет, за кој им се заколна на твоите татковци. 19Ако Го заборавиш Господа, својот Бог, и тргнеш по други богови, па им искажуваш почитување, им се поклонуваш ним, ви се колнам денес дека сосем ќе бидете истребени; 20како народите кои Господ ќе ги погуби пред вас, така ќе ве снема и вас, зашто не го послушавте гласот на Господа, својот Бог.“
Селектирано:
ВТОРОЗАКОНИЕ 8: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.